По повеќе од месец од стартот на комерцијалните летови на релацијата Софија-Скопје вчера се отвори прашањето за нејзиното натамошно опстојување откако дел од медиумите објавија дека „Гуливер“, авиокомпанијата која го опслужува летот, нема да продава билети по 21-ви месецов, но авиопревозникот, како и бугарскиот министер за транспорт Николај Сабев тврдат дека авиолинијата ќе опстои.
– Летовите помеѓу Скопје и Софија ќе останат и по 15 мај. Остануваат и летовите меѓу Софија и Тирана, во моментов операторот на летот е пред промена – рече вчера Сабев во изјава за МИА.
Од „Гуливер“, пак, соопштија дека во моментов не планираат да ги прекинат летовите на релацијата.
– За да се подобри удобноста на патниците, авиокомпанијата бара опции за да обезбеди поудобни часови на летовите. Се надеваме дека по завршувањето на поправката на пистата на скопскиот аеродром ќе добиеме подобри времиња на летови – велат од авиокомпанијата.
Оттаму информираа дека го раскинуваат договорот со актуелниот закуподавач на авионот кој работи моментно и оти треба да изнајмат нов авион од истиот модел, АТР 72. Сите тие чекори се преземаат и со оглед на постигнување предвидливост за клиентите на авиокомпанијата во согласност со моменталната состојба во регионот и се во голема мера погодени од војната во Украина, посочија од авиокомпанијата.
И од ТАВ Македонија, концесионерот на аеродромите во државава, вчера информираа дека немаат добиени никакви информации од страна на авиокомпанијата за прекини во најавениот распоред на летање. Од Владата, пак, велат дека авиокомпанијата има одобрено термини за полетување и слетување и во текот на овој месец.
– Во однос на авиолинијата Софија – Скопје, Ве информираме дека авиокомпанијата која го оперира овој лет нема склучено договор за финансиска поддршка со Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за транспорт и врски. Според информации со кои располагаме, авиокомпанијата има одобрено термини (слотови) за полетување и слетување и во текот на овој месец – изјавија од Владата, посочувајќи дека воспоставувањето на летот е од комерцијален аспект.
Можниот прекин на авиолинијата ја коментираше и министерот за надворешни работи Бујар Османи, а според неговите информации причина се преговорите меѓу компанијата и бугарската Влада за субвенционирање.
-Кога го разгледувавме ова прашање, разговаравме две опции. Првата опција беше да биде целосно комерцијална, односно дали ќе има интерес од страна на патниците, а втората опција – да биде субвенционирана од страна на владите при што Република Бугарија ја презеде обврската за субвенционирање. Мислам дека првата фаза беше обид да се види комерцијалната рентабилност. Според моите информации, мислам дека ова запирање е процес на преговори меѓу компанијата и Владата дали ќе има поддршка или не, рече Османи, во одговор на новинарско прашање.
Авиолинијата профункционира како резултат на договорената соработка на премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков, како прв чекор за реализација на заеднички активности во име на развој на пријателството меѓу двете држави.
По заедничката меѓувладина седница на Македонија и Бугарија на 25 јануари годинава, беше потпишан Договор за соработка, и уследија разговори на надлежните институции. Авиолинијата симболично стартуваше на 10 февруари кога со авион на Гуливер од Софија во Скопје допатуваа делегации од двете држави предводени од ресорните министри за транспорт и економија, туроператори и бизнисмени кои имаа заедничка средба за утврдување на деталите за функционирање на летот.
На 26 март годинава со стартот на летниот ред на летање, со авион од типот АТР 72 – 600 со капацитет за транспорт на 70 патници, авиокомпанијата Гуливер го реализираше првиот редовен лет на Меѓународниот Аеродром Скопје.
За авиолинијата која ги поврзува двата главни града за само 30 минути и што сообраќа двапати неделно беше изразено уверување дека има огромен потенцијал и оти ќе биде користена за туристички и за деловни патувања.