Во арбитражни спорови од Македонија се побаруваат 1.365.000.000 евра без затезна камата, соопшти денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.
-Со овие пари можат да се направат комплетно нови сто градинки, сто основни училишта, сто средни училишта. Како и три најсовремени технолошки паркови, комплетна канализациона и водоводна мрежа во државава и илјада километри локални и регионални патишта – потенцираше вицепремиерот Битиќи.
Тој на средба со новинарите ја презентираше работата на владиното тело за следење на арбитражните постапки и ги посочи активните предмети кои за кои се водат арбитражните спорови.
-Во моментов активни се седум арбитражни предмети – истакна Битиќи.
Посочени беа предметите, „Кунико“, „Бинани,“ „ОКТА“ „Блажо Тасев,“ „Гама Гуч“ и „Инсо“ за кои во моментов се водат арбитражни постапки.
-Има институции во државава кои треба да се занимаваат зошто некој потпишал вакви договори – истакна вицепремиерот.
Во своето излагање, Битиќи информираше дека нашата држава во арбитражните спорови кои се водат во странство е застапувана од странски адвокатски фирми кои се избираат од листата на триесетте најдобри во светот.
Според Битиќи, избегнувањето на решавањето на овие спорови е спротивно на интересите на граѓаните и државата.
-Имав дилема, но не траеше повеќе од десет минути, дали да потпишам да решаваме арбитражни спорови или оставам, како што тоа се правело претходно. Сметам дека треба да се заштити интересот на државата и граѓаните, а ова е еден од начините да се направи тоа- потенцираше вицепремиерот Битиќи.