Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оливер Андонов, поранешниот еднодневен министер за внатрешни работи, денеска пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ ја објави „фракцијата за демократско ревитализирање“, која, како што рече, паралелно ќе делува во најголемата опозициска партија.

-Партијата која на почетокот беше симбол на македонската демократија стана симбол на политичка декаденција. Покрај оставката на Мицкоски и целта за организација на нови избори за нов претседател, бидејќи сметам дека Мицкоски е потполно потрошен, ќе следува и повик до членството во комитетите, кои се речиси целосно мртви, да се обединиме – рече Андонов.

– Денешната прес-конференција е со единствена тема – јавен и отворен повик до Мицкоски да си даде оставка од својата позиција претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да го отвори со тоа патот да се извршат неопходните демократски промени во ВМРО-ДПМНЕ и партијата која во почетокот на своето создавање во деведесеттите години беше симбол на македонската демократија, повторно да се врати на пиедесталот како нормална демократска партија, а не како симбол на политичка декаденција – рече Андонов.

Според него, фракцијата е поддржана од ветерани, основачи на ВМРО-ДПМНЕ, обични членови, од некогашни функционери на партијата, но и од луѓе во актуелното раководство.

– Кога велам потрошен, потрошен е политички, затоа што ако тргнеме наназад пет години, кажете ми една работа која Мицкоски ја направи, нешто со што ВМРО-ДПМНЕ може да се гордее дека учествувало во некој процес или одбранило некој национален интерес во Македонија. Јас и луѓето кои се тука, а веројатно и мнозина други кои се и внатре во партијата го мислат истото, но од причина што не сакаат Мицкоски да им биде на врат, односно да ги малтретираат, не излегоа денеска со нас, останаа затскриени – рече Андонов.

Тој нагласи дека не станува збор за паралелна структура, туку дека ќе делуваат внатре во партијата како фракција.

– Напоменувам, не се работи за паралелна структура во ВМРО-ДПМНЕ, не се работи за нова политичка партија, не се работи за нова политичка структура во смисла на паралелизам, туку за членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои и понатаму ги повикуваат останатите членови на партијата да делуваме како политичка фракција внатре во партијата со единствена цел – демократизација и ревитализација на партијата, чиј прв чекор е оставка на Мицкоски – истакна Андонов.

Прашан за тоа од колку членови на партијата имаат поддршка, Андонов рече дека нема да лицитира со бројки и оти се отворени за сите членови на партијата.

– Зошто сега? Затоа што сега се исполнети сите услови за членството во целост да ги гледа работите како што треба. Ова е желба на членството, не е моја лична желба. Толку луѓе во партијата го гледаат тоа што се случува. Едноставно велат време е да се каже јавно до каде сме и да се преземе нешто. Што ако Мицкоски не даде оставка? Па не сакам јас сега да излезе оставка или ботовите кои ги пушта до мене дека за две недели ќе си дал остава. Нема да даде Мицкоски оставка сега. Мицкоски ќе биде доведен во состојба под притисок на членството да мора да замине од партијата. Оваа борба ќе трае. Ова не е борба која денеска почнува и завршува. Но, во исто време да ви напомнам, ова не е т.н. коалиција која сакаше да го дигне Мицкоски во тој период. Ова се партиски членови кои кажуваат: доста беше од уривање на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ како една од основните политички, големите политички партии во Македонија, треба да ја креира генералната политика во државата. Со едно крило не се лета никаде – порача Андонов.

Тој додаде дека на Мицкоски голема грешка му била што дал поддршка за независен кандидат за градоначалник на Град Скопје при толку масовно членство во ВМРО-ДПМНЕ.

-Сметаме дека иницијативата на Андонов е толку безнадежна и безначајна што не вреди посебен коментар, и преставува дефокус на власта од енергетската и економската криза – реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека се партија која ја декласирала СДСМ на последните избори.

-ВМРО-ДПМНЕ води на сите анкети и ја има убедливата поддршка од граѓаните кои бараат промени во власта. Секако тоа ги стимулира амбициите на луѓе и поединци кои се насочени исклучиво кон добивање на функции и позиции, а кои откако нема да ги добијат стануваат жестоки критичари и на тој начин сакаат да влезат во фокусот. Нормално бидејќи на власта и е потребно дефокус од скандалите, од дезертерствата, инфлацијата и енергетската криза совршено во тој план се вклопуваат таквите поединци и разно разни нејзини инсталации и уценети поединци на кои ќе им дадат гласност. Како резултат на сѐ поочигледната кадровска и програмска индиферентност на СДСМ, не би нѐ изненадило и други ликови од темниот полусвет на македонската политика да ги злоупотреби за да создава некаков привид за наводно неединство во ВМРО-ДПМНЕ. Затоа сметаме дека иницијативата на Андонов е толку безнадежна и безначајна што не вреди посебен коментар. Му посакуваме среќа и немаме што друго да додадеме – реагираат од партијата.