Фото: МИА

На функционерите коишто ќе бидат обвинети за корупција, злоупотреба на службената должност и хибридни закани кон државата времено да им престане функцијата којашто ја извршуваат и да им се забрани да учествуваат на тендери сè до правосилноста на пресудата, предвидува предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки коишто денес ги претстави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Законските измени кои Османи би сакал да поминат на Влада пред стапувањето на техничката влада се актуелизираа откако македонски функционери и бизнисмени се најдоа на американската „црна листа“. Измените на Законот предвидуваат правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство да се додадат како основ за воведување рестриктивни мерки од страна на државата. Инаку, досега рестриктивните мерки се носеа врз основа на обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на ОН, потоа правни акти на ЕУ, правни акти на други меѓународни организации во кои членуваме и на барања од надлежни организации на други држави, но само за тероризам и пролиферација.
Во Членот 3, како што рече Османи, како подложни на рестриктивни мерки се додаваат и „носители на јавни функции“, а во делот каде што се наведени видовите на санкции, покрај ембарго на стоки и услуги, ембарго за оружје, забрана за влез, финансиски и други мерки се додава – забрана за учество на јавни тендери и времено престанување на јавните функции, ако кривичната постапка резултира со конкретно обвинение за злоупотреба.

Рестриктивни мерки можат да предложат МНР, МВР, АНБ, Управата за финансиско разузнавање, Агенцијата за разузнавање и Јавното обвинителство.