Наставниците реагираат на спроведувањето на новата концепција во образованието од која се изземени наставни содржини за историјата на македонскиот јазик
Здружението на просветни работници од Куманово изразува несогласување со реформите според новата концепција за образование. За повеќето основни и средни училишта од Куманово новата концепција е – неприфатлива!
Почетокот на обуката на наставниците по македонски јазик за новата наставна програма за шесто одделение по нивниот предмет, континуирано за време на летниот распуст предизвикува реакции кај самите просветни работници, кои наведуваат на преиспитување на целата нова концепција на образованието, подготвена од Бирото за развој на образованието. Главната забелешка на наставниците по македонски јазик е исклучувањето на подрачјето за историјата на јазикот во наставната програма за шесто одделение, но дебатата што се прошири и во јавноста отвора и други теми, кои според практичарите во образованието (наставниците) се неприфатливи иновации. Меѓу првите што организирано професионално го изразуваат својот став е Здружението на просветни работници од Куманово. Според нив, новата концепција на образованието е спорна по многу прашања и во голема мера неприфатлива.
– За повеќето основни и средни училишта новата концепција е неприфатлива. Сепак, во август ќе излезат со став колективите од сите училишта во Куманово и пред почетокот на учебната година ќе го имаме конечниот став на наставниците – велат од Здружението на просветни работници од Куманово.
Освен изоставените тематски подрачја во наставната програмата за македонски јазик за шесто одделение, за голем дел од наставниците е спорна реформата на фузирање на предметите: Биологија, Физика, Хемија и Географија во еден предмет – Природни науки“. Според одредени информации, наставата по овој предмет Природни науки би се спроведувала модуларно во текот на учебната година, односно секој предмет би се предавал со определен број часови (по неколку месеци во полугодијата), а оценката на учениците би се изведувала збирно, односно ќе се изведува просек од оценките по сите области.
Уште еден момент од реформираниот концепт што ги загрижува наставниците е воведување на сексуалното образование уште во прво одделение, што сметаат дека е сексуализација на децата од најмала возраст. Ј.П.