Фото: МО

Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Италија, адмирал Џузепе Каво Драгоне, денеска престојуваше во официјална посета на Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана.

Адмиралот Драгоне, по пречекот со високи воени почести, оствари средби со својот домаќин, началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, на која присуствуваше и амбасадорот на Република Италија, Андреа Силвестри, по што следуваа тематски разговори помеѓу делегациите, соопшти МО.

На средбата со адмиралот Драгоне, министерката Петровска изрази задоволство поради успешната одбранбена соработка меѓу Македонија и Италија, а посетата на адмиралот ја оцени како извонредна можност за прецизирање на начините на кои таа соработка ќе биде продлабочена.

– Македонија и Италија се две сојузнички земји кои го делат истиот став за безбедноста на Европа и истите вредности и принципи – демократија, владеење на правото и почитување на меѓународниот поредок – рече Петровска.

Министерката и адмиралот Драгоне разговараа за ситуацијата во Украина, за правото на оваа држава да ја брани својата територија и суверенитет и го поздравија проширувањето на Алијансата со новата земја членка Финска.

Петровска ја потенцираше важноста на стабилното инвеститање во модернизацијата и опременоста на Армијата, но и во човечките капацитети како бескомпромисна определба за зајакнување на одбраната. Сојузничката соработка во овој контекст во новата безбедносна ситуација во Европа е од огромно значење – се согласија соговорниците.
На тематскиот состанок во Генералштабот, покрај презентирање на мисијата и актуелните процеси согласно новата структура на сили во Армијата, се разговараше и за заедничкото учество во меѓународните операции, можностите за интензивирање на меѓусебната воена соработка со вклучување во штабните структури на НАТО во Италија, можна соработка на полето на специјалните сили, како и учеството во безбедносни иницијативи со поддршка на ВС на Италија

Генералот Ѓурчиновски го истакна значењето на интензивирање на меѓусебната воена соработка и понатамошно развивање на иницијативите иницирани за време на минатогодишната посета на ВС на Италија.

– Континуираната поддршка од Република Италија за поинтензивно наше вклучување во структурите на НАТО, како и поддршката во областа на военото образование и обуката во специфичните области се од големо значење за нашата Армија. Воедно досегашната постигната доверба со заедничкото учество во меѓународните операции каде што Италија има раководна улога постојано се зајакнува- истакна Ѓурчиновски.

Адмиралот Драгоне ја искажа искажа безрезервната поддршка од ВС на Република Италија за зголемување на нашата интероперабилност и вклучување во активностите на НАТО и безбедносни иницијативи во кои учествува Италија.

Покрај поддршката во областа на военото образование и обука од страна на ВС на Република Италија, наши штабни офицери извршуваат задачи во состав на италијанскиот контингент во мисијата на „УНИФИЛ“ во Либан, воедно заеднички учествуваме во операцијата „КФОР“ и операцијата за истурено присуство во Бугарија.

Посетата на началникот на Генералштабот на ВС на Италија, која е меѓу најголемите и највлијателни земји на НАТО во Европа, претставува јасно искажана доверба и признание за достигнатите стандарди и интероперабилноста на припадниците на Армијата на Република Македонија кои учествуваат во заеднички активности и се основа за понатамошно зајакнување на меѓусебните релации во воената сфера, стои во соопштението од МО.