Ислам Абази / Фото: МИА

Јавниот обвинител Ислам Абази ќе достави барање до Советот на јавните обвинители да го повлече предлогот за негово назначување во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.

– Јавниот обвинител Ислам Абази се заблагодарува на довербата што Советот на јавните обвинители му ја укажа, назначувајќи го за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.  Абази ќе достави барање до Советот на јавните обвинители да го повлече предлогот за негово назначување во Управниот одбор – се вели во соопштението од Републичкото јавно обвинителство.

Во барањето што ќе го достави до Советот на јавни обвинители Абази вели дека со оглед на тоа што неговата сопруга во моментов е слушател на Академијата за судии и јавни обвинители и е пред завршување на Академијата, не сака да падне било каков сомнеж во објективноста при спроведувањето на завршниот испит и оценувањето.

– Затоа се откажувам од членувањето во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители и барам Советот да ја измени одлуката – истакнува Абази во барањето што ќе го достави до Советот на јавните обвинители.​