Фото: Игор Бансколиев

Во Француската Резиденција во Скопје денеска попладне се одржа коктел на кој францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние, им се заблагодари на сите кои хумано и несебично донираа средства за обнова на Богородичната црква во Париз. Весникот „Нова Македонија“, исто така учествуваше со своја донација.

На настанот „Нова Македонија“ продаваше примероци од романот „Богородичната црква во Париз“ од францускиот писател Виктор Иго, а средствата од продажбата беа донирани.

-Голема благодарност до „Нова Македонија“. Во секој случај тој бренд е синоним на квалитет. Ми претставува огромно задоволство што вѐ примив во Резиденцијата и пресреќен сум што го приклучивме Виктор Иго, еден од најдобрите француски писатели, во овој настан – рече Тимоние.

Тимоние во својот говор истакна дека е трогнат што нашиот народ толку многу сочувствува со трагедијата што се случи и изрази голема благодарност што нашата држава несебично се вклучила во донирањето со цел да помогне. Тој наведе дека Богородичната црква не е само бесценет историски споменик на Франција, туку таа е и историско наследство на целиот свет.

-Во тек е дебата за тоа како треба да се реконструира црквата. Законот со којшто ќе се регулира реконструкцијата е во тек и тие дискусии се водат на ниво на Собрание. Според првичните извештаи, се работи за случајно опожарување, а не за криминален акт. Пред неколку дена таму се одржа и првата миса по пожарот, со што повторно се заживува оваа катедрала. Почуствувавме како целата планета да вибрира заедно со нас. Имавме многу измешани емоции, од една страна чувствувавме мачнина поради трагичниот настан, но од друга страна пак, почувствувавме убавина од реакцијата на целото човештво кое несебично помогна – додаде тој.

На настанот, во името на целата редакција на „Нова Македонија“, се обрати и Бобан Стојчевски, главниот оперативен директор на весникот.

-Во случајот на Богородичната црква во Париз, која е симболот на Франција и Европа и споменик на културата на целиот свет, „Нова Македонија“ реагираше веднаш и во ниту еден момент не се двоумеше дали треба да даде свој придонес. Со силно изразена волја и подадена рака, со симболичен гест, сакаме да разгласиме и да се чуе, небаре одекнало ѕвоното на Богородичната црква, дека сѐ додека има луѓе ќе има и хуманост. „Нова Македонија“ тоа многу добро го знае и се залага за тоа. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам и на издавачката куќа „Полица“ која исто така учествуваше во донацијата, но секако и на нашите верни читатели. Голема е честа да се биде тука денеска. Нашата акција се преплетува со иницијативата за дел од овие средства да бидат наменети и за манастирот Курбиново, којшто е непроценлив бисер на македонското културно и историско наследство. Како редакција веруваме дека оваа наша иницијатива ќе добие многу поширок замав после овој чекор, што ќе покаже дека човечката солидарност има длабоки корени во Македонија– говореше Стојчевски.

С.Ку.