Во рамки на овогодинешното македонско претседавање со Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, денеска и утре во просториите на Министерството за надворешни работи се одржува редовниот 41-ви Пленарен состанок на ниво на националните координатори на државите членки, нејзините партнери, како и други високи гости и пријатели на оваа регионална организација со седиште во Скопје.

Како што информираат од владината прес-служба, главна тема покрај редовните активности на регионалната иницијатива е и еден од најголемите предизвици во регионот, а тоа е спречување на процесот на заминување на младата работоспособна сила од областа на медицината.

Министерот за здравство Венко Филипче во своето поздравно обраќање истакна дека системот за Примарна Здравствена Заштита (ПЗЗ) е камен-темелник на нашите здравствени системи.

– Горд сум што можам да напоменам дека и на национално ниво и во текот на минатата година ја унапредувавме ПЗЗ како суштински столб за одржливи и издржливи здравствени системи и од клучно значење за здравствената безбедност и подготвеноста за итни случаи. Во февруари заедно со Светската здравствена организација го организиравме Националниот форум за здравство „За поздрав живот: патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Македонија“. Нашата држава е првата земја во светот која го зајакнува системот на спроведување на примарната здравствена заштита, врз основа на Декларацијата од Астана која беше усвоена во октомври 2018 година – изјави Филипче.

Тој потенцираше и дека преку вработувања, зголемувања на платите, едукации и грижа за здравствениот кадар, ќе се задржат лекарите во државата и ќе работат во јавното здравство, а со тоа ќе се намали одливот на работната сила.

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски ја потврди активната улога на земјава во овогодинешното претседавање со влијателната регионална иницијатива, која е единствена од овој профил во делот на Југоисточна Европа.