Министерството за одбарана го раскина договорот со фирмата која беше задолжена за набавка на воено-теренската униформа за Армијата. Од Министерството велат дека согласно постапката, ќе ја активираат и банкарската гаранција.

Како причина за раскинување на договорот, од Министерството наведуваат дека во рок од 50 дена за доставување на мостри, согласно договорот за набавка на 14.000 комплети воено-теренска униформа, фирмата не доставила комплетни мостри и соодветни сертификати, и истото не го сторила ниту по дополнителниот рок од 15 дена кој бил пропишан со договорот.

– Никогаш нема да отстапиме од намерата секој припадник на Армијата да добие униформа со врвен квалитет, без компромиси и калкулации – велат од Министерството за одбрана.

Посочуваат дека во следните неколку денови, целосната постапка ќе биде повторена и припадниците на Армијата ќе добијат нови униформи.

– Ги повикуваме заинтересираните компании да се пријават само доколку можат да го испорачаат квалитетот кој го бараме во спецификацијата на тендерската документација. Информираме дека фирмата која во првиот тендер не го испочитува договорот, нема да може да учествува во повторената постапка, согласно Законот за јавни набавки – наведе Министерството преку соопштение.