Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во четвртокот вечерта на полноќ заврши јавната пропаганда со што почна 48-часовниот молк пред референдумот, кој треба да се одржи в недела на 30 септември. Според одлуката донесена од страна на Собранието на Република Македонија, прашањето за претстојниот референдумот ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“. Според Државната изборна комисија, право на глас на изјаснувањето в недела ќе имаат 1.806.336 гласачи, кои се запишани во избирачкиот список. Гласачките места на 30 септември ќе бидат отворени од 7 часот изутрина, а ќе бидат затворени во 19 часот истиот ден. Ден претходно, в сабота, ќе гласаат болните, изнемоштените, лицата во домашен притвор, затворениците, како и државјаните на Република Македонија во странство.

Рекорден број домашни и странски набљудувачи ќе бидат на избирачките места. Официјалната бројка од ДИК на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи. Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиума.

Во меѓувреме, Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија соопшти дека в недела на 30 септември таа ќе биде отворена во текот на целиот ден, за да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на референдумското изјаснување. Комитетот, како што се наведува во нивното соопштение, ги охрабрува сите граѓани што сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на комитетот што се наоѓа на ул. Наум Наумовски-Борче бр. 83. Доколку граѓаните не се во можност да дојдат до просториите на Хелсиншкиот комитет, случаите на повреда на избирачкото право можат да ги пријават и преку отворената фиксна и мобилна телефонска линија: +389 (0)2 3119 073 и +389 (0)72 278 436. Покрај личното и телефонското пријавување овозможена е и пријава преку е-пошта на [email protected].