Претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев денеска во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим заеднички ги чествуваа Св. Кирил и Методиј.

Претседателите Пендаровски и Радев положија свежо цвеќе пред спомен плочите во базиликата и заеднички оддадоа почит на делото на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

Двајцата претседатели по завршувањето на церемонијата изјавија дека заедничкото чествување на Св. Кирил и Методиј во Рим придонесува за јакнење на добрососедските односи и меѓусебната доверба на двете држави и двата народа.

– Сакаме да покажеме дека и на Балканот има луѓе, има политичари кои можат да зборуваат со европски јазик кога зборуваат за нашите актуелни проблеми и предизвици и се разбира, за нашата иднина. Во колегата Радев овие два дена најдов еден соговорник со кој можеме да разговараме на ист јазик, не зборувам тука за македонскиот и за бугарскиот јазик, зборувам за европскиот јазик, кој единствено може да донесе подобра, посреќна иднина за нашите две држави и за нашите два народи – изјави претседателот Пендаровски, кој рече дека напредок е возможен само ако во дијалогот двете држави влегуваат еднакви.

Денеска претпладне, претседателот Пендаровски имаше аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск и оствари средба со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.

Пендаровски престојува во посета на Италија и Светата Столица по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, а во Рим отпатува со државниот авион на Бугарија, заедно со бугарскиот колега Радев.