Неопходно е итно да се одржи меѓувладината конференција за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија, изјави американскиот заменик-помошник државен секретар, Метју Палмер.

– Чувствуваме момент на итност. Сметаме дека Северна Македонија и Албанија ја заслужија Меѓувладината конференција и формалното отворање на пристапните преговори. Многу сакаме да видиме тоа да биде договорено оваа година – нагласи Палмер во изјава за Гласот на Америка.

Според Палмер, САД сакаат да ги видат пречките отстранети, посочувајќи дека Северна Македонија и Албанија завршиле тешка работа, ја одработиле нивната домашна задача и ги направиле неопходните реформи.

– Одржете ја Меѓувладината конференција и ставете го овој процес цврсто на пат – порача американскиот дипломат.

Палмер нагласува и дека Вашингтон би сакал Скопје и Софија преку дијалог да ги решат прашањата во билатералните односи и да ги држат проблемите надвор од мултилатералните формати, вклучувајќи ги НАТО и ЕУ.

– Сигурно никој не сака да види еден НАТО-сојузник да му се заканува на друг – изјави тој.

Потенцирајќи дека борбата против корупцијата е една од основните вредности на членките на НАТО, Палмер нагласи дека САД очекуваат од македонската Влада да направи подобра работа во борбата против корупцијата.