Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска го претстави проектот „Со европско знаење до европската престолнина“ пред студентите од економскиот и правниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

-Проектот го отпочнавме обидувајќи се на некој начин да ја доближиме атмосферата и активностите врзани за европските интеграции и нашата работа во Брисел – до идните потенцијали на земјава – студентите, имајќи предвид дека тие ќе треба во иднина да го преземат на себе процесот на европски интеграции, и воопшто, процесот на трансформација на нашата земја со земјите-членки на Унијата, истакна Османи.

Во продолжение од говорот, тој посочи дека периодов преговорите со ЕУ се на дофат и изрази увереност дека годинава државата ги почнува преговорите со Европската Унија, а вклучувањето на сите слоеви од општеството, вклучувајќи ги тука студентите, како една од клучните категории, се важен елемент во подготовката на општеството за предизвиците кои претстојат, со преговорите и трансформацијата која со тоа ѝ следи на државата, согласно европските правила, стандарди и вредности.