Деновиве неколку сериозни аналитичко-истражувачки медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори, ја лиферуваа информацијата во која се предупредува дека екстремистичко-фундаменталистичката организација, позната како Исламската држава (ИД), во моментов се регрупира и реформира. Информацијата содржи и безбедносни предвидувања при што се тврди дека ИД во иднина нема да изумре и да се распадне, туку ќе се реформира, ќе зајакне и ќе прерасне во сосема друга форма, под друго име и друга организација.

Несинхронизираноста на светските сили причина за воскреснување на ИД

Американскиот колумнист Данкан Мил во своја анализа на темава пишува дека во моментов во Сирија и во Ирак постои т.н. вакуум на моќта во Сирија и во Ирак и истиот тој се користи од терористичките групи на ИД за реструктурирање на нивните сили. Вакуумот на моќта е предизвикан од повлекувањето на силите на САД и регрупирањето на трупите на Русија и на Турција.
Во својот осврт на актуелните случувања, Мил пишува дека поради состојбите предизвикани со повлекувањето на американските војски драстично се ослабени воените капацитети на курдските сили и војските на т.н. сириска опозиција (СДФ), која на терен има 85.000 војници.
Според него, дополнително на целата слика влијае и зајакнувањето на руските операции, кои ги зазеле местата каде што порано биле присутни американските војници, како и зголемувањето на бројот на турската војска во северниот дел на Сирија.
– Во Ирак, пак, според информациите на курдските сили, во моментов се прераспоредуваат приближно 10.000 војници, терористи и симпатизери на ИД, каде што во изминатите 12 месеци се спроведуваат обиди да се возобнови калифатот на оваа организација – пишува Мил.
Во истиот контекст, британското Би-би-си предупредува дека голем дел од територијата на северен Ирак постепено се присвојува од силите на ИД и дека доколку оваа состојба продолжи во 2020 година, можно е милитантите да започнат да дејствуваат поопасно и поорганизирано.

Постои ли реална безбедносна закана за земјите од нашиот регион?

Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека иако е факт дека структурите и силите на Исламската држава (ИД) се победени во сириските и ирачките борбени дејства, тоа во практика не значи дека е елиминирана и опасноста од нивното натамошно дејствување, како на територијата на овие земји и соседството така и пошироко на глобално ниво, во кое влегуваат Балканот и Македонија.

– Всушност, отворените борбени активности што во моментов се случуваат на Блискиот Исток овозможуваат создавање клима, во која ИД или ИСИС започнува веќе да ги трансформира своите сили да дејствуваат во асиметрични закани насочени кон нејзините непријатели. Под овие закани се подразбира дејствување на ИСИС преку нови форми на терористички операции и сајбер-тероризам – вели Марковски.
Оттука, според него, само едно е сигурно, дека терористичката организација по прегрупирањето што во моментов го прави, таа нема да дејствува традиционално воено како една вооружена формација туку ќе еволуира во поинаква структура.
– Натамошното присуство и дејство на милитантната организација, во годините што доаѓаат, и натаму ќе претставуваат сериозна закана за безбедноста на групата држави што се борат против тероризмот, во која влегува и Македонија – вели Марковски.
Во тој контекст, во иднина сите држави што се против идеолошка и борбена матрица треба, доколку сакаат успешно да се справат со ИД или ИСИС, внимателно да го следат актуелниот развој на случувањата на Блискиот Исток.
– За Македонија овие случувања треба да се битни за следење бидејќи преку нив ќе може да се дефинираат идните и потенцијални закани кон државата и граѓаните, кои можат до нас да стигнат преку борците повратници од Блискиот Исток, преку новиот можен мигрантски бран и преку интернетот каде дејствуваат сајбер-терористите – вели Марковски.
Пецо Трајковски од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“ вели дека со конкретниот развој на случувањата на Блискиот Исток, придобивка има Исламската држава (ИД), која во моментов е само страничен играч во борбите.
– Во моментот состојбата на Блискиот Исток е нестабилна со оглед на развојот на конфликтот меѓу САД и Иран по неодамнешните случувања и со убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани, кој е водачот на Иранската револуционерна гарда и истовремено главниот стратег на оваа земја за безбедноста во регионот – вели Трајковски.
Според аналитичарот, милитантната организација во моментов е ослабена и таа работи на сопствено прегрупирање и зајакнување, преку зголемени активности на социјалните мрежи, кои во иднина ќе бидат главната алатка за регрутирање борци и приврзаници.
– Од македонска перспектива на случувањата, битно е да се очекува дека нашата држава треба да се насочи кон сузбивање на онлајн-радикализацијата на нашите граѓани и кон спречувањето на каналите за поддршка на милитантните структури – вели Трајковски.
Аналитичарот прогнозира дека во иднина може да се очекува да се разгори битката за влијание на САД и на Иран врз териториите на Блискиот Исток каде што беше активна ИД, со што се остава простор во хаосот повторно да заживее оваа организација.
Тој додава дека е тешко да се предвиди како терористичката организација во иднина ќе се развива и ќе се однесува, бидејќи тоа ќе зависи пред сѐ од распоредот на силите во поширокиот конфликт и прегрупирањето на геополитичките односи на Блискиот Исток.
– Но едно е сигурно. Ако продолжи ваквата состојба во светот, регионот каде што функционираше ИД ќе биде нестабилно, а нестабилен регион е плодна почва за раѓање други нови радикални организации – резимира Трајковски.

[email protected]