Фото: Игор Бансколиев

Повикот на стотина здруженија, граѓански организации, фондации и мрежи, кои бараат Собранието итно да го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација, ги разбранува македонската јавност и социјалните мрежи, каде што ова барање на активистите, кои се борат против дискриминација, беше толкувано како вовед за законско решение со кое, термините „мајка“ и „татко“ се заменуваат со „родител 1“ и „родител 2“.

Шпекулациите на социјалните мрежи, па и реакциите на некои политички личности, не запреа само на сомневањата за редефинирање на термините за родителство, туку се развија во претпоставка дека тоа претставува подготвување на општеството за легализација на истополовите бракови, како и отворање можност за овие двојки да посвојуваат деца.
Но дилемите вчера ги реши министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

– Со новиот предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација ниту се брише семејството, ниту термините мајка и татко. Ова прашање е уредено со Законот за семејство и таму нема промени. Апелирам до јавноста да не подлегнува на лажни информации – изјави Царовска.