Како „специјално издание“ на Дипломатскиот клуб Скопје, деновиве излезе од печат десеттиот, јубилеен број на списанието „Дипломатски летопис“. Ова единствено издание од сферата на македонските меѓународни односи и дипломатија во земјава, овој пат е посветено на три значајни годишнини: педесет години дипломатска служба во Македонија, десет години постоење на Дипломатскиот клуб Скопје и пет години излегување на списанието „Дипломатски летопис“.

По тој повод во бројот се објавени повеќе пригодни текстови од наши и странски активни и поранешни истакнати дипломати и општественици, научни работници и политичари, редовни и повремени соработници на „Дипломатскиот летопис“. Исто така во овој број како специјален прилог – „50 години македонска дипломатија“ се објавени десетици прилози од научно-стручната конференција одржана кон крајот на минатата година по тој повод во организација на Министерството за надворешни работи и Дипломатскиот клуб Скопје.