ОБРАЗОВАНИЕ – Каде се некогашните најдобри студенти?

„Нова Македонија“ со повеќе написи ќе објавува каде се и што работат нашите некогашни најдобри дипломци

Го памтам првиот ден на уписите на катедрата по Историја на уметност со археологија. Мора да беше топол сончев ден. Ама внатре во УКИМ, меѓу дебелите бетонски ѕидови, беше студено и некако, барем мене ми се чинаше, мрачно. Вака ја почнува својата приказна Кате Антевска, која во 2007 година дипломираше на катедрата по Историја на уметност со просек десет.

Една од најдобрите студентки на својата генерација, професионалниот пат ја има одведено во многу насоки, а денес живее и работи во Брисел.

– Во малата и скромна библиотека на катедрата, беа седнати околу триесетина студенти и како по некоја случајност, речиси сите беа облечени во црна или маслинестозелена боја. Јас бев од зелените. Лицата што ги видов тој ден и разменив некој збор останаа мои пријатели до ден денес. Нема да претерам ако кажам дека годините што следеа беа едни од најсреќните години од мојот живот. Предавањата ни се одвиваа многу често во една просторија без прозорци, која ја викавме бункер. И бункер беше. Немаше ни вентилација. Но нас тоа не ни беше важно. Уживавме во предавањата, во секој предмет и час. Никогаш потоа не зажалив што студирав на факултет за кој, однапред се знаеше дека нема да се најде работа така лесно. Не беше тоа само една обична група на студенти по историја на уметност. Тоа беше група луѓе што сонуваат, кои студираат, не за да положат испит, туку да ги прошират своите видици и имаат желба да знаат што повеќе и повеќе – раскажува Антевска за своите студентски денови.

Фото: Приватна архива

Уште додека студирала нејзиниот истржувачки дух сакал да дознае повеќе од она што може да го научи на факултетските клупи.

– Пред да дипломирам, пукна глас дека почнува кампања за големи археолошки истражувања низ цела Македонија. Ете ни шанса за работа. Со другарка ми Ивана отидовме кај нашата драга колешка Дафе и ја замоливме да му се јави на археологот Драги за работа на Скопско кале. Колегите – историчари на шега почнаа да ни префрлаат дека сме преминале на страна на археолозите. Ние сме со отворен дух и прифаќаме предизвик, возвраќавме. После неколку месеци работа на Кале, поцрнети од сонце како да сме биле на море три месеци, нè удри друга реалност – барање работа. Работа што нема да е сезонска – вели Антевска.

Антевска на еден од археолошките локалитети
Фото: Приватна архива

Tаа нема присуствувано на свеченото доделување на дипломите.

– Тоа никогаш не го доживеав. Не дека тоа многу ми значело, ама не можам, а да не се насмевнам секојпат кога ќе ми текне дека поканата од УКИМ ми стигна на домашна адреса во Матка два месеци по церемонијата. Татко ми возбуден трча „Ти стигна писмо од факултет, го донесе шоферот на автобусот, по грешка во Сарај стоело со недели”. Го отворив и се смеев. „Со месеци, тато, со месеци” – низ смеа се сеќава Антевска.

И покрај постигнатиот успех на факултет, Антевска откако дипломирала не можела лесно да најде работа.

– Уште добро го памтам денот кога отидов во еден од нашите музеи да барам работа, или барем да волонтирам. Тогашниот директор ја зема дипломата во рака, ја погледна и незаинтересирано ја фрли на другата страна на масата. Не ме интересира мене просек, немаш врски, не можам ништо да направам, ми рече. Беше арогантен и без никакво разбирање. Видов – не видов, немам шанса за работа во музеј и најдов работа како новинар во дневен весник. Пишував во културна редакција речиси три години. Тоа беше одлично искуство, но, за жал, без преспектива. Ниски плати, без пензиско и здравствено осигурување – раскажува Антевска.

Благодарение на новинарската работа и контактите создадени таму, Антевска била поканета да работи во Управата за заштита на културното наследство.

– По некоја судбинска случајност, на едно од интервјуата го запознав човекот што во мене виде потенцијал, без да бара да имам врски или да сум член на некоја партија. Секогаш ќе бидам благодарна за таа шанса. Во Управата останав осум години, од кои првите четири како надворешен соработник. Тоа значи без пензиско и здравствено осигурување. Тие три години изработени во весник и овие четири во Управата значат седум години искуство, а ниту еден ден работен стаж. Е тоа е македонската реалност. Последните четири години бев конечно пријавена како вработена и со решение. Го паметам денот кога ми ја дадоа таа хартија. Една повозрасна колешка од срце ми честиташе и ми посака да дочекам и пензија. Од таа реченица мене ми се пресекоа нозете. Си реков во себе – да остарам овде, на едно работно место, нема шанси! Иако, да не бидам сфатена погрешно, имав многу убави денови таму. Работев на издавање на публикациите за културно и природно наследство и неколку години по ред ја организирав завршната археолошка изложба. Беше динамично, но работев со полн капацитет и љубов – зборува Антевска.

Денес таа работи во Брисел, во невладина организација за заштита на светското природно наследство.

– Животните патишта не се секогаш прави, туку има и мали патчиња што ни се појавуваат. Така и јас пред неколку години добив шанса да се преселам во Брисел. Град тотално непознат за мене. Работев во неколку меѓународни организации за од пред некој месец да почнам да работам во невладина организација за заштита на природа, која e дел од програмата за заштита на животната средина на Обединетите нации. Среќна сум што работам во организација што реализира проекти за заштита на животната средина на светско ниво. Имам шанса да работам со луѓе од цел свет и се надевам на стекнување поголемо искуство тука. Ќе излажам ако речам дека не ми недостасува Македонија на моменти, најмногу планините. За среќа, флексибилното работно место ми дозволува да долетам и останам во Скопје секојпат кога ќе затропа носталгијата на врата – додава таа.

Антевска е голем вљубеник во македонските планини
Фото: Приватна архива