Под наслов „Тиквешка магија“ вечерва во музеј-галеријата во Кавадарци со почеток во 19 часот ќе биде отворена необична изложба на декоративни предмети и ламби изработени од лејки на авторот Звонко Спасовски.


Ова е негова прва самостојна изложба во која ќе бидат изложени 35 дела. Изработката на декоративните лејки ја започнува како хоби во 2003 година и досега развива своја препознатлива техника и ликовен јазик. Во 2004 година на базарот на ракотворби во Скопје неговите лејки се закитуваат со плакетата „најдобар производ“. Спасовски до 2015 редовно учествува на базарите за ракотворби меѓутоа неговите дела како сувенири од Македонија се распослани насекаде по светот.


Моментално користи лејки кои сам ги произведува а семенски материјал набавува од Африка и Јужна Америка. Соработува со изработувачи на украсни лејки од целиот свет и со нив разменува искуства.