ИНТЕРВЈУ: РАДЕ ИЛИЕВСКИ, НАСТАВНИК СО ГОЛЕМ БРОЈ НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА

Многубројни пофалници, благодарници за спасени животи и голем број награди има професорот Раде Илиевски од скопското основно училиште „Рајко Жинзифов“. Овој наставник по физичко и здравствено образование е докажан хуманист, кој со години несебично им помага на своите ученици, но и на беспомошните, болните лица и на лицата со посебни потреби, на децата без родители, на децата со еден родител, за кои тој практикува бесплатни часови по пливање, за да даде личен придонес во поддршката на овие лица. Крводарител е веќе 22 години, а добитник е и на наградата „13 ноември“ во 2005 год. на градот Скопје од областа на образованието и воспитанието. Во 2015 година е добитник на наградата „13 ноември“ од Сојузот на спортови на Скопје за особени заслуги во развојот и унапредувањето на спортот во Скопје, за успешна работа во училишниот спорт. Лани ја доби и наградата „13 ноември“ што ја доделува градоначалникот на градот Скопје за долгогодишна хуманитарна активност. Пред осум години, на наставникот му биле врачени статуетка и благодарница „Мајка Тереза“ за покажани хумани дела во спомен на Гонџа Бојаџиу. За тоа како да се биде квалитетен наставник, но и добар човек пред сѐ, Илиевски открива во ова интервју за „Нова Македонија“.

Што значи лично за вас тоа што го добивте признанието најдобар просветен работник за учебната 2017/2018 година?
– Ова престижно признание го добивам вторпат. Првиот пат беше во 2006 година на ниво на градот Скопје од Здружението на просветни работници. Минатиот месец Сојузот на просветни работници на Македонија, на средбата што се одржа во Куманово, ми додели признание за просветен работник на годината во учебната 2017/2018 година, за особено видни резултати во воспитно-образовната работа и други активности врзани за училиштето – континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности. Тоа за мене е најголема лична сатисфакција – награда и благодарност за досегашниот вложен труд во мојата дваесет и петгодишна воспитна образовна работа, но истовремено е и мотив и стимул за постигнување уште подобри резултати во иднина. Љубовта кон децата, посветеноста на работата, креативноста, многубројните освоени награди, признанија, благодарници, сертификати, медали, пехари, дипломи на училишни, општински, регионални и државни натпревари, мојата работа како ментор на наставници приправници, ментор на студенти, многубројните обуки што ги имам одржано за наставници, остварените безброј резултати во воспитно-образовната дејност со учениците, родителите, едукативните семинари, меѓународните конференции (симпозиуми) и многубројните добиени сертификати од меѓународен карактер мислам дека беа пресудни за добивање на ова признание – просветен работник.

Постои ли некаква формула за да се стане квалитетен наставник?
– За да се биде квалитетен наставник, пред сѐ, е потребно да се има голема љубов кон децата, љубов кон самата професија, да се биде трудољубив, посветен, заинтересиран, одговорен, креативен, трпелив, искрен, толерантен, добар педагог и психолог, советодавец, медотичар, кој е максимално ангажиран и подготвен за прифаќање сугестии и новини во образованието. Наставникот е обликувач на младата личност и треба да биде пример за своите ученици со кој тие би сакале да се идентификуваат и да прераснат во личност со квалитети и одлики. Мислам дека квалитетниот наставник во текот на работата е потребно да остварува успешна комуникација со учениците, непосредна и блиска, но и истовремено максимална и професионална. Потребно е наставникот постојано да ја следи нивната активност и да ги мотивира и да ги стимулира на соодветен начин. Квалитетниот наставник мора постојано да ја одржува врската наставник – ученик – родител и таа во ниту еден момент не смее да биде раскинлива.

Што ви недостига вам наставниците за да биде поквалитетна наставата?
– Сегашниот наставник има подобри услови за работа од минатото, но за да биде наставата поквалитетна потребно е да се исполнат повеќе фактори. Потребно е континуирано и редовно да се зголемува библиотечниот фонд на училиштата со книги, енциклопедии и прирачници за наставници. Корисно би било да има посебни спортски сали во секое училиште за учениците од одделенска настава (учениците од прво до петто одделение да имаат физичко трипати неделно).

Што е она на што треба да обрнат внимание родителите, кои се многу важна алка во воспитно-образовниот процес?
– Во денешното брзо темпо на живеење на родителите не им останува многу слободно време за да го поминуваат со своите деца, за заеднички да поразговараат за да ги ислушаат потребите на децата за да им помогнат во нивните работни задачи, за да ги слушнат нивните потреби и задачи. Па затоа мислам дека најважна работа, на која треба да посветат најголемо внимание денешните родители, е да минуваат што повеќе заедничко и квалитетно време со своите деца.

Можете ли да направите споредба меѓу учениците во минатото и денешните? Што е она што исчезнало низ годините во смисла на вредности?
– Секое време си носи свој начин и белег на живеење. Учениците во минатото учеле само од литература и книги што им биле дадени од наставникот, а денешните ученици имаат пристап до информации и собираат факти преку Интернет, затоа што денешното модерно и современо образование им го наложува таквото учење. Мислам дека она што исчезнало низ годините во смисла на вредности е почитта кон наставникот. Во денешно време учениците имаат поголеми права од претходните.

Имате ли некоја порака до вашите помлади колеги наставници приправници?
– Професијата наставник е најблагородната професија, работете ја со голема и искрена љубов, почитувајте ги децата, надградувајте го своето секојдневно знаење, бидете упорни, креативни, стрпливи, објективни, харизматични, флексибилни, правични, соработувајте и почитувајте ги родителите и своите колеги, а со самото тоа успехот е неминовен. Секој вложен труд и постигнат успех се наградуваат, а нашата најголема награда е волшебната и среќната насмевка на децата, кои ја имаат најискрената и најчистата душа во себе.