Искусните наставници ќе им бидат советници на директорите и тие ќе бидат задолжени за квалитетот на образованието

Оваа учебна година образовните власти ќе го реформираат основното образование. Како што информира Петар Атанасов, заменик-министер за образование и наука, за „Нова Македонија“ прво ќе се донесе закон, кој потоа ќе се применува и во практика.

– На пример, една од работите што ќе се прецизираат, е колку ученици ќе има во паралелките. Целта е, на некој начин, да се разработи системот на основното образование но и вклученоста во тој процес на сите образовни институции. Во сите промени ќе се вклучат Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар и Педагошката служба. Целиот образовен систем не функционира како целина. Мора да научиме дека ние еден производ правиме и секој мора да го даде својот придонес – вели Атанасов.

Бирото, додава тој, би требало да излезе на терен и да ги следи наставниците, а ДИЦ да ја следи евалуацијата.

– Ние имаме обврска да следиме што произведуваме. ЕУ ќе бара од нас да го гарантираме квалитетот на образование, какви дипломи даваме, да ги преземеме и утврдиме индикаторите преку кои ќе го вратиме квалитетот. Веќе имаме стратегија за образование. Оваа учебна година преку пилот-проект се опфатени основни училишта за да можеме сите елементи да ги допреме по малку. Во зголемувањето на квалитетот, мора да ги вклучиме практичарите, луѓето со дваесетгодишно искуство, имаме и новини и концепти што ќе ги предложиме во законот, но мора да се разработат, како на пример, кариерата на наставникот, како еден нов столб, кој ќе му помага на директорот. Ќе постои заедница на наставници со вклучување на најискусните просветни работници преку законско решение како советници на директорите, кои ќе бидат задолжени за квалитетот на образование. Овој механизам е многу важен. БРО и ДИЦ ќе мора да соработуваат со овие заедници на наставници и тоа ќе носи квалитет – додава Атанасов.

Тој за „Нова Македонија“ изјави дека засега нема да се менува концептот на деветгодишно образование.

– Не сум за тоа да ја менуваме формата. Ако некој определил дека деветгодишното образование дава квалитет, тогаш треба да го има. Ќе ја почитуваме формата, но ќе работиме на квалитетот со образовните институции. А потоа ќе видиме дали има слаби точки и што треба да се менува. Ако во оваа фаза ја менуваме формата само ќе се искомплицираат работите – вели Атанасов.