Денес се навршуваат 19 години од загинувањето на осумте припадници на безбедносните сили во 2001 година на патот с. Селце – с.Вејце на падините на Шар Планина, меѓу кои беа и четворицата битолчани Марјан Божиновски, Кире Костадиновски, Бошко Најдовски и Илче Стојановски.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, положи свежо цвеќе пред споменикот „Анѓел“ во Градскиот парк и споменикот пред СВР Битола, подигнати во чест на загинатите бранители, кои своите животи ги вградија во темелите на нашата држава.

– Би сакала да упатам длабока почит, кон оние млади битолчани кои во 2001 година ги дадоа своите животи за нашата татковина. Секогаш со тага се присетуваме на сето тоа, но примерот на овие млади луѓе, нека ни покаже како треба да се однесуваме ние во денешницата. Токму затоа и денес во оваа сатница, почитувајќи ги сите мерки кои што ги презема Владата на Република Северна Македонија на држење на социјална дистанца, меѓутоа и да нема групно собирање, одлучив на ваков начин да го одбележам овој момент и уште еднаш да се присетиме за она што било вредност и навистина треба да го зачуваме и во иднина – рече Петровска.

На 28 април 2001 кај месноста Брезовица на патот с.Селце – с.Вејце на падините на Шар Планина, од заседа беа убиени Марјан Божиновски (27), Кире Костадиновски (24), Бошко Најдовски (25), Илчо Стојановски (24) Роберт Петковски(27) Бобан Трајковск (28)Игор Костески (26) и Миле Јанески (30).