Научната јавност не е убедена дека хемиското влијание врз облаците со авионско засејување може да го има очекуваниот ефект

Системот со авионско засејување на облаците заради заштита од град, кој Владата неодамна реши да го воведе во земјава, е постапка што од страна на Светската метеоролошка организација сѐ уште не е потврдена како ефикасна и сѐ уште е на ниво на експеримент. Во Европа ваква постапка речиси и никаде не се користи, туку се мотивираат земјоделците да ги осигуруваат своите посеви, како и да инсталираат системи со заштитни мрежи. Делумно се применува во Словенија и во Австрија, но на ниво на приватни иницијативи и на мали подрачја. Згора на тоа, ниту научната јавност не е убедена дека хемиското влијание врз облаците може да резултира со некаков ефект околу заштитата од град.

Македонија до пред десетина години користеше систем на „современа“ противградобијна одбрана. Одлуката за воспоставување ваков заштитен систем од град беше од политичка природа, во поранешна СФР Југославија беше пресликан моделот за одбрана од поранешниот Советски Сојуз. Тогашните советски тврдења за успешноста на овие активности беа прифатени без какви било научни и експериментални проверки. Овој систем во земјава престана да функционира пред нешто помалку од десетина години, а честите временски непогоди го актуализираа барањето на земјоделците да се оформи некаков систем на заштита, бидејќи постојано трпат штети на родот. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изработи проект за засејување на облаците со реагенс, кој треба да влијае врз спречувањето на формирањето град.

– Станува збор за нов систем за заштита од временски непогоди, кој предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување. Тоа подразбира надлетување на небото на територијата на Република Северна Македонија со специјално опремени авиони, кои ќе испуштаат раствор за спречување на формирањето мраз во облаците. Со овој вид заштита од природни климатски непогоди, како што е градот, се постигнува најефикасен систем за превенција и неколкукратно поекономичен систем од старите ракетни системи – појаснуваат во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Оттаму додаваат дека компанијата што ќе го добие тендерот, ќе мора да поседува авион оспособен за таква операција.

Според познавачите на состојбите во метеорологијата, реагенсот што претходно се користел во ракетите што се истрелувале од земја, сега ќе се распрскува во критичните облаци преку распрскувачи монтирани на крилата на авионите.
– Познато ми е дека во минатото ваква техника се користеше во Грција и дека траеше околу четири до пет години. Нешто слично пробуваа и во Бугарија, но и таму е на ниво на експеримент – вели Коста Лазароски, државен советник за координација во системот за управување со кризи при УХМР.

Тој додава дека воздухопловите што ќе бидат вклучени во оваа операција ќе мора да имаат соодветна лиценца бидејќи со обични авиони тоа не може да се прави.
– Станува збор за истиот реагенс што го имаше порано во противградобијните патрони, со тоа што сега тој ќе се распрскува од авион директно врз облакот. Значи, како што порано дејствуваа градобијните системи, сега ќе дејствува авионот – појаснува Лазароски.

Метеорологот Пеце Ристевски смета дека авионското засејување бара соодветна организација и заедничко дејствување на повеќе чинители за да биде ефикасно.
– При ваквото засејување на облаците се користат специјални авиони, кои на крилата имаат монтирано автоматски исфрлувачи на ракети, кои дејствуваат директно во јадрото на градоносниот облак. Значи, потребни се техника и соодветна организација за да се постигне ефикасност на постапката – смета Ристевски.

Според него, токму добрата организациска поставеност е важна за да се знае точно каде се наоѓа градоносниот облак, неговата јакост и каде да се уфрла реагенсот. Како што информираат од МЗШВ, проценетата вредност за набавка на услугите е 90 милиони денари, што е неколкукратно поекономично од инвестициите во ракетен систем, чија проценета вредност за инсталација и одржување е еднократна инвестиција од 1,2 милијарда денари и дополнителни трошоци за одржување и набавка на материјали од 300 милиони денари на годишно ниво.


Нема физички докази за можно влијание врз облаците

Можноста за влијание врз микроструктурата на облаците е покажана во лабораторија, со симулирање нумерички модели, како и проверки преку физикални мерења во некои природни системи како што се маглата, стратиформните облаци и кумулусите. Но, директен физички доказ дека процесите на создавање на врнежите, вклучувајќи и на градот, молњите и ветриштата, можат значително да се променат со помош на вештачки средства, не е возможно да се реализира во позначајна мерка. Сложеноста и разновидноста на облаците предизвикува големи тешкотии во разбирањето и воочувањето на ефектите на нашите обиди да ги промениме на вештачки начин, се вели во објава на Светската метеоролошка организација од 2004 година.