Фото: Игор Бансколиев

По поставувањето на голем број в.д. директори во институциите, реагира Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), од каде велат дека не се почитуваат законските одредби за избор на директор на конкурс, туку се применува оваа метода која остава простор за политички влијанија.

Директори, вршители на должноста во последниов период беа поставени во Фонд за здравство, јавните претпријатија, образованието и во институции од областа на културата.

– Заедничко за сите овие именувања е што функцијата в.д. директор не се користи за надминување на непредвидена состојба до пополнување на раководните места со распишување на јавен конкурс, како што е предвидено во материјалните закони, туку се користи редовно како да е тоа единствен начин за поставување директори“, велат од ДКСК.

Вршителот на должност во принцип треба да биде именуван за рок од 6 месеци, додека не се пополни местото на јавен конкурс, но наместо тоа, комисијата се соочила со примери кога еден ист човек и по 7 пати во континуитет е именуван за в.д. директор, иако времетраењето на нивната функција треба да е ограничена.

Комисијата во своето работење наишла и на други неправилности во однос на поставувањето на в.д. директори:

• Не се почитуваат материјалните закони за распишување конкурс за избор на директор
• Се врши разрешување или т.н. отповикување на директори и пред истекување на мандатот
• Се именуваат директори без положен испит за директори (онаму кај што треба)
• Управните одбори не секогаш распишуваат конкурси и чекаат прво Владата да одлучи што да преземат
• Не се обезбедува избор на директори со фер конкуренција врз основа на приложена програма за работа
• Нема отчетност за вршењето на функцијата и трошењето на државните ресурси
• Изборот и разрешувањето се врзува со одредена политичка гарнитура
• Постои реваншизам особено кога локалната и централната власт се од различни политички опции што се манифестира со одземање ингеренции односно преку одмерување на политичката моќ

– Во отсуство на почитување на материјалните закони за избор на директори по пат на конкурс и обезбедување фер конкуренција се применува начин на работа кој со години се гради во нашето општество и остава простор за постоење на висок ризик од политичко влијание што доведува до разградување на системот на вредности, на професионализмот, преселување на квалитетен кадар во чие образование се вложувало во оваа држава. ДКСК препорачува што побрзо донесување на Законот за висока раководна служба кој речиси пред една година е поднесен во Собранието – соопштуваат од комисијата.