Сликарот и хуманист Живко Поповски – Цветин денеска на истакнатиот македонски филозоф, универзитетски професор и публицист, Ферид Мухиќ му ја врачи „Цветиновата награда за мир“.
Македонскиот хуманист нагласи дека доделувањето на „Цветиновата награда за мир“е по повод Светскиот ден на филозофијата. Овој ден, кој е востановен од УНЕСКО, секоја година се одбележува третиот четврток од ноември и се слави низ целиот свет, со фокус на филозофијата и нејзините придобивки, а тоа на некој начин е поврзано со културата, науката и мирот – изјави Живко Поповски – Цветин.
Покрај Мухиќ, досега „Цветинова награда за мир“ ја имаат добиено Димитар Илиевски, меѓународен шаховски мајстор, првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, Јордан Плевнеш и Коста Балабанов.
Цветин досега подарил над 60.000 свои слики и организирал над 300 изложби во земјава и во Шведска, Полска, Германија, Италија, Канада, САД и во земјите од поранешна Југославија. Во 2009 година Поповски – Цветин беше номиниран за Нобелова награда за мир и беше меѓу петте кандидати од вкупно 205 кандидати. Во 2015 година создаде слика од 1001 метар.