Денес претседателот на македонското собрание, Талат Џафери, оствари работна посета во Република Албанија, при што, според предвидената агенда, се сретна со претседателката на Собранието на Република Албанија, Линдита Никола. Ова е втора билатерална средба на двајцата претседатели, по средбата во Атина, што е неспорен доказ дека Македонија и Албанија се две земји со искрени, интензивни и пријателски односи, без отворени прашања помеѓу себе.
– Фактот што сме две соседни земји кои се на истото патешествие на процесот на евроинтеграции, меѓутоа и на истото очекување на почетокот на првата меѓувладина конференција со Европската Унија, што ќе го одбележи и формалниот почеток на преговорите за полноправно членство во европското семејство, е уште еден мотив и силен поттик за динамизирање и зајакнување на уште потесна соработка помеѓу нас – било истакнато на средбата.
Двајцата соговорници заеднички констатираа дека имаме многу што да научиме едни од други и многу што да споделуваме како искуство едни со други како земји и како институции. Спектарот на соработка е широк, почнувајќи од оној меѓу-парламентарниот, на ниво на претседатели, на работни тела и на Пратенички групи за соработка, меѓутоа, и на меѓу-владино ниво, културно, образовно, здравствено и она најатрактивното за граѓаните на двете земји, односно, туристичката соработка. Се разбира, доброто инфраструктурно поврзување е императив за забрзан напредок на оваа соработка а силните национални врски се секако најдобриот мост за олеснување на оваа соработка, посочија од кабинетот на Џафери.