Министерството за здравство информира дека се обезбедени нови количини вакцини против ковид-19, вкупно 11.520 дози, а во текот на неделава ќе бидат дистрибуирани до здравствените домови.
– За таа цел, сите заинтересирани граѓани кои сакаат да примат вакцина против Ковид-19, може да се обратат до најблискиот здравствен дом. Во Скопје, вакцинацијата ќе се одвива во поликлиника „Бит Пазар“ – се наведува во денешното соопштение на Министерството.
Како што се појаснува, вакцините се наменети за возрасни и адолесценти над 12 години.
Од Министерството потсетуваат дека вакцинацијата претставува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението од заразни заболувања.
– Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата со ковид-19 – потенцираат оттаму.