Министерот за здравство Венко Филипче апелираше до граѓаните да бидат посовесни и да внимаваат на своето и на здравјето на другите, нагласувајќи дека надлежните не можат да исконтролираат буквално сѐ.

– Видовме дека рестрикциите за движење на населението немаа резултат. Ако има мерка која ќе ни помогне, ние ќе преземеме од соседните земји сѐ што е потребно – нагласи Филипче, додавајќи дека за нови мерки би се разговарало наредната седмица.

Тој се осврна и на можноста за почести собири во затворени простории со заладувањето.

– Доаѓа период на заладување на времето и почести собири на граѓаните во затворени простории. Сега доаѓаат и семејните слави. Ги замолувам граѓаните да не ги организираат славите, или да ги организираат во што помал број. Многу мини-бранови тргнаа од тие прослави – истакна Филипче на денешната прес-конференција, говорејќи за епидемиолошката состојба.

Според министерот, бројот на заразени во периодов изнесува помеѓу 400 и 700 дневно.