Фото: Игор Бансколиев

Холандија и Франција, кои претходно беа меѓу најострите противници на проширувањето на ЕУ, сега енергично бараат одблокирање на процесот и почеток на преговори за Македонија. Што значат овие најнови сигнали на оптимизам и какво би било нивното влијание врз отстранување на бугарското вето?

НАЈНОВИ СИГНАЛИ ЗА ПРИДВИЖУВАЊЕ НА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА И ОТСТРАНУВАЊЕ НА БУГАРСКОТО ВЕТО

Како „покајничка“ порака од речиси интервентната посета на холандскиот премиер Марк Руте во Скопје, еден ден пред гласањето доверба во Собранието за македонската влада, беше протолкувана неговата изјава дека „Бугарија не е оставена да прави сѐ што сака во ЕУ“ и дека всушност ЕУ треба да се справи со бугарското вето за Македонија и да овозможи што побрзо да започнат преговорите за членство на нашата земја во Унијата.
– Прво, за мојата земја. Холандија ги задржуваше пристапните преговори долго време, но мислам дека тоа беше – строго, но правично. Строго – одзеде време, но фер. Па, кога сите чекори беа преземени, Холандија, Франција и другите рекоа – да, за почеток на преговори. Ова прашање со Бугарија што се појави летото, секако, многу ме иритира, бидејќи тоа го попречува почетокот на меѓувладините конференции. Во таа смисла, би рекол – еј, луѓе, решете го ова! Не вие, туку ЕУ – беше одговорот на холандскиот премиер Руте, на новинарското прашање дали ако се стави во улога на граѓанин на Македонија, би ѝ верувал на ЕУ, по сите потфрлања околу почетокот на пристапните преговори.

Во текот на полудневната посета на Македонија, Руте кажа и дека „прашањето меѓу Бугарија и Македонија е билатерално и тоа не треба да ги запира пристапните преговори“, но и уверуваше дека зад сцената, многу земји-членки се обидуваат да разговараат со Бугарија, а тој се надева на најдоброто – дека по изборите на 14 ноември во Бугарија ќе продолжат напред што е можно побрзо.
Речиси во исто време, медиуми од Албанија пренесоа информација дека претседателот на Франција, Емануел Макрон, им испратил писма на сите француски амбасадори во земјите од Европската Унија, во кои бара од нив интензивно да работат за отворање преговори со Албанија и со Македонија. Според извори на медиумот, блиски до Елисејската палата, францускиот претседател поставил два клучни датуми. Првиот е 14 декември, до кога треба да биде решен проблемот меѓу Бугарија и Македонија, и вториот е 31 декември – кога треба да се отворат преговорите со Албанија и со Македонија. Причината за оваа француска офанзива, според албанскиот медиум, е што Париз го презема претседателството со ЕУ на 1 јануари 2022 и не сака да преземе стар нерешен проблем.
Коинциденцијата на ваквите пораки и активности на лидерите на земјите-членки на ЕУ, кои досега важеа за најскептични за проширувањето на Унијата и на некои самити експлицитно го блокираа почетокот на преговорите на Македонија (во пакет со Албанија) за членство, создава во извесна смисла позитивен амбиент за прашањето дали ЕУ ја сфати својата грешка. Односно дали ЕУ стана свесна дека со својот скептицизам за проширувањето во голема мера е директен виновник за политичката криза во Македонија, но и за растечкиот евроскептицизам во земјите од регионот на Западен Балкан, во кој почнаа да се активираат повторно старите антагонизми и процеси што не одат во прилог на довербата спрема ЕУ?

– Последните раздвижувања со потези и активности на повеќе лидери на земјите-членки на Унијата, можат да се толкуваат како согледување на грешката со игнорирање на сигналите што доаѓаа од регионот на Западен Балкан, како реакција на нивното нерасположение за проширување. Влошувањето на политичката состојба во регионот: во односите меѓу Србија и Косово, во Босна и Херцеговина, па и политичката криза кај нас во Македонија, се силен аларм дека ЕУ ги испуштила конците во развојот на политичките процеси кај земјите-кандидатки. Тоа покажа дека ЕУ не гледа секогаш стратегиски на предупредувањата што доаѓаат од регионот, туку реагира дури кога почнува да гори. Оваа раздвиженост, секако, значи поголем ангажман на ЕУ во регионот и заинтересираност за македонските евроинтеграции, но дали тоа ќе биде доволно и ќе значи позитивно решавање на ситуацијата со ветото на Бугарија и почеток на преговорите за Македонија, за членство во ЕУ – треба да се размислува со резервираност и да се следи развојот на настаните до декемврискиот самит на Унијата. Резервираноста произлегува од тоа што досега ЕУ не покажа дека е расположена да ги вклучи сите механизми за убедување во однос на Бугарија за да го повлече ветото – вели Марко Трошановски од институтот за демократија „Сосиетас цивилис“.
Слична воздржаност во очекувањата за исчекор од страна на ЕУ за почеток на преговорите со Македонија до крајот на годината изразува и амбасадорот Ѓорѓи Филипов, пред сѐ поради односот на Бугарија и неизвесноста на резултатите од тамошните избори, в недела, на 14 ноември.

– ЕУ можеби ја сфати својата грешка во односот спрема Македонија и Западен Балкан, но прашање е дали Бугарија сфатила. Сепак, добро е што се манифестира од лидерите на Холандија и на Франција, дека се покајале за својот скептицизам и резервираност спрема проширувањето на Унијата, па сега се активираат процесот да се заокружи. Но сега, клучно за македонските евроинтеграции е повлекувањето на ветото на Бугарија. Можеби другите европски лидери не очекуваа дека ветото на Бугарија за Македонија ќе ескалира до овој степен, а политичката криза во таа земја направи да нема релевантен соговорник, кој може да донесе одлука, па дури ни за европски притисок. Резултатите од изборите во Бугарија на 14 ноември треба ја разјаснат ситуацијата околу повлекување на ветото за македонските евроинтеграции. Доколку се конституира нов парламент во Бугарија, тој нема обврска да се придржува до декларацијата на претходниот состав за позициите за пристапувањето на Македонија во ЕУ. Во тој правец би требало да се насочи влијанието на ЕУ, но во овој миг е неблагодарно да се прогнозира какви се изгледите на Македонија да започнат преговорите со Унијата до крајот на годинава – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов.