Новозаболените од коронавирусот се резултат на непочитувањето на мерките, вели министерот за здравство, Венко Филипче, кој кажа дека има информации за лица кои наместо во самоизолација, тие излегуваат надвор и се шетаат.
Според министерот, најголема концентрација на заболени има во Чаир, Сарај, Гази Баба, Бутел и Аеродром и најави дека е можно повторно воведување на рестрикции.
– Ние ја следиме состојбата. Сакам да порачам дека повторно ќе воведеме рестрикции, таргетирани и локализирани на некои места, согласно бројот на новодијагностицирани, ако епидемиолошката состојба тоа го наложи, Тоа се дискутираше на состанокот на Комисијата за замрзни болести. Ќе ги анализираме бројките од следните денови од текот на викендот и врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките. Поради познатите кластери нема потреба од нови рестрикции, но ако треба, повторно ќе воведеме. Се укина полицискиот час со јасна порака да се почитуваат превентивните мерки, тоа го прават сите земји и е единствениот начин да се справиме со вирусот – рече Филипче.
Тој кажа дека анализата покажува дека ако се почитуваат мерките за самоизолација и за заштита нема да има потреба од полициски час во некои региони, но кажа дека будно ја пратат ситуацијата, но побара од МВР поголема ажурност и казни за граѓаните кои наместо во самоизолација, шетаат надвор.
– Има информации за граѓани кои и со решенија за самоизолација се шетаат надвор. Затоа барам поголема ажурност од страна на МВР, поголема контрола и санкции на тие кои овие мерки не ги почитуваат. Уште еден проблем на колегите епидемиолози е одбивањето на соработка од страна на пациентите, потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, одбивањето да даваат точни податоци, даваат лажни адреси, тешко можат да се достават решенијата за самоизолација. Имаме концентрација поголема во четири скопски општини и тоа Чаир, Сарај, Гази Баба, Бутел и Аеродром. И огромен процент на новозаболените се како резултат на непочитување на мерките за самоизолација и лична заштита. Новодијагностицираните пациенти се заразени во период кога имаше строги рестриктивни мерки во однос на движењето и беа во важење истите мерки како и сега – рече Филипче.