Прв случај на починато лице од коронавирус во Прилеп. Како што информираат од општината еден од пациентите кој се лекуваше на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје утринава починал. Станува збор за повозрасен маж, кој беше еден од неколкуте првозаразени со коронавирусот.
Во изминатите 24 часа, додаваат во писмената информација од општината, регистрирани се осум нови случаи на инфицирани со коронавирус, со што вкупниот број на дијагностицирани пациенти во Прилеп изнесува 58.
На Инфективното одделение во Општата болница „Борка Талески“ во моментов се наоѓаат седум лица, од кои пет се со позитивен наод, а на две лица им е земен брис и се чекаат резултати. Сите седум лица се со средна клиничка слика.
Од СВР Битола велат дека 42 нови лица се во самоизолација во изминатите часови во Прилеп, а контролирано е 41 лице.
Едно лице го прекршило полицискиот час синоќа, а поднесени се четири кривични пријави за четири лица за непочитување мерка забрана за движење во мерка на епидемија. Ка.М.