фото: Струшки вечери на поезија

Поетската книга „Патешествие низ времиња“ од Ибраим Џемаил – Скарабеус е добитник на наградата „Стојан Христов“ за 2026 година, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и Агенцијата за иселеништво.

„Патешествие низ времиња“, според жири-комисијата во состав Иван Шопов – претседател и Славе Ѓорѓо Димоски и Никола Ѓелинчески членови, е збирка што се движи меѓу личното искуство, сеќавањето и чувството на припадност.

– Во неа се препознава авторската потреба да се зачуваат миговите, местата и луѓето што оставиле трага во животот на поетот. Особено впечатлива е постојаната врска со Македонија која се јавува не само како географски простор туку и како духовна точка на враќање. Песните се градени врз богата сликовитост и симболички претстави, а мотивите на патувањата и корените се провлекуваат низ целата книга – стои во образложението.

Според жири-комисијата, најсилни се оние песни во кои личната емоција останува непосредна и ненаметлива. Збирката опфаќа различни теми – од љубов и загуба до социјални и идентитетски прашања.

– Понекогаш авторот повеќе се потпира на атмосферата отколку на исказната јасност, но токму тоа и’ дава препознатлив тон на книгата. Станува збор за поезија што произлегува од животното искуство и длабоката потреба тоа искуство да биде споделено. Како целина „Патешествие низ времиња“ нуди искрен и личен поетски запис за човекот меѓу спомените, патувањата и потрагата по дом – стои во образложението на жири-комисијата.