Патниците што доаѓаат во Велика Британија ќе бидат ставени во карантин од две недели кога ќе пристигнат, како дел од мерките за спречување втор бран на пандемијата на коронавирус, кои се очекува утре да соопшти премиерот Борис Џонсон, пишува „Гардијан“.

Во своето обраќање до нацијата, Џонсон треба да го претстави својот план за излез од карантинот и да најави воведување на мерки за луѓето кои пристигнуваат на аеродромите, пристаништата и железничката станица „Еуростар“, вклучително и за Британците кои се враќаат од странство.

Од луѓето ќе биде побарано да ја дадат адресата на која ќе се изолираат во текот на две недели по пристигнувањето, со пополнување на дигитален образец, се вели во извештајот на „Тајмс“.

Мерките треба да бидат воведени во јуни. Патниците од Каналските Острови, Република Ирска и островот Ман ќе бидат ослободени од мерките, како и неопходните работници и возачите на камиони што превезуваат стока.

„Тајмс“ пренесува дека и покрај загриженоста оти Велика Британија продолжува да им дозволува на луѓето да патуваат со авион, додека стапката на смртност се искачи минатиот месец, министрите инсистираа на тоа дека воведувањето на карантински систем нема да направи разлика, заради распространетоста на болеста во земјата.

Посетителите во Велика Британија и оние што се враќаат дома досега можеа да пристигнат без проверка на температурата или условот да се изолираат.