Досега во светот се пријавени повеќе од 1,6 милиони случаи на заразени со коронавирус, а бројот на починати надмина 100 илјади.

Според статистиките, во моментов, бројката на смртни случаи на глобално ниво изнесува 100.450, додека од Ковид-19 се опоравиле 356.671 луѓе.

Најмногу заболени има во САД – 458.445. Следи Шпанија со 152.446, Италија со 143.626, Франција со 117.749 и Германија со 115.523 заразени.

Најмногу луѓе починале во Италија, 18.229, потоа во САД 16.312, Шпанија со 15.238 смртни случаи и 12.210 во Франција.

И покрај тоа што статистиките говорат за над 100.000 починати ширум светот досега, од Австрија стигнуваат охрабрувачки вести.
Тамошниот министер за здравствена и социјална заштита, Рудолф Аншобер, рече дека во последниве денови има поголем број на оздравени отколку новозаразени, со што се продолжува позитивниот тренд во борбата против вирусот.

И во Италија денешните бројки претставуваат позитивна промена во споредба со вчерашниот ден.

Денеска починале 570 луѓе во споредба со вчера кога животот го загубија 610, а има 3.951 случај на новозразени што исто така е опаѓачки тренд во споредба со претходните 24 часа кога беа регистрирани 4.024 случаи.