Од декември повеќе од една третина од населението во Израел е вакцинирано, што се смета за најбрза кампања за вакцинација по глава на жител во светот. Од девет милиони граѓани, повеќе од 3,4 милиони примиле вакцина.

Сепак, и покрај забрзаната имунизација, дневно се регистрираат околу 6.500 нови случаи на зараза со ковид-19. Бројот на позитиви, сепак, се намалува во споредба со средината на јануари, кога имаше околу 8.000.

Од вчера, на Израелците веќе не им е забрането да одат само еден километар од нивниот дом. Почнаа да работат фризерските и козметичките салони, во кои може да има една личност која ќе му дава услуги на еден клиент. Природните резервати и националните паркови се повторно отворени.

Хотелите сè уште се затворени, а рестораните ќе имаат дозвола само да подготвуваат храна за носење, а во пансиони можат да престојуваат само членови на исто семејство. Прекинот на меѓународните летови останува на сила до 20 февруари, заедно со затворањето на копнените граници на Израел.