Германската канцеларка Ангела Меркел ја нарече драматична моменталната епидемиолошка состојба во Германија и побара од идната влада да ја продолжи епидемиолошката вонредна состојба, што дава правна основа за воведување мерки против пандемијата.
„Сегашната пандемиска ситуација во Германија е драматична. Четвртиот бран ја погодува нашата земја со полна сила“, рече Меркел. Таа, исто така, предупреди дека и сега во областите во земјата со висока инциденца не е можно на сите пациенти да им се гарантира највисоко ниво на медицинска нега поради пренатрупаноста на одделенијата за интензивна нега во болниците.
Канцеларката ги повика учесниците на состанокот на претставниците на федералните и провинциските власти, што ќе се одржи в четврток, да донесат конкретни резултати за да и помогнат на земјата поодлучно да се спротивстави на пандемскиот бран. Воедно, таа го критикуваше доцнењето на одлуката за одржување на оваа средба.
„Вирусот не се грижи дали Германија е во фаза на транзиција или не“, рече Меркел, алудирајќи на одлуката на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која го води процесот на формирање коалициска влада со Зелените и Либералите и долго време овој формат на состаноци, што беше практика за време на пандемијата, не се одржува.
Воедно, Постојаната комисија за вакцини најавува усвојување на препорака за дополнителна вакцинација на т.н. бустер, за сите граѓани над 18 години. Здруженијата на лекари се противат и бараат да се постават приоритетни групи, посочувајќи дека голем дел од лицата постари од 60 години се’ уште не ја примиле дополнителната вакцина.
Во Германија денеска има рекордни 52.826 новозаразени, што е за 13.150 случаи повеќе од пред една недела.
Уште 294 лица починаа, а вкупниот број на починати од последиците на заразата се зголеми на 98.274 лица.