Избувна нов спор меѓу Велика Британија и ЕУ откако претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, тврди дека Велика Британија го забранила целиот извоз на вакцини ковид-19, што владата во Лондон остро го демантираше, пренесува Би-би-си.

Би-би-си наведува дека министерот за надворешни работи на Велика Британија, Доминик Раб изјавил дека тврдењата на највисокиот функционер на ЕУ се погрешни и дека никогаш немало целосна забрана за извоз на вакцини произведени на нејзино тло.

– Владата на Велика Британија не го блокираше извозот на која било вакцина против Ковид-19 или компоненти на вакцината. Секое укажување на забрана за извоз од Велика Британија или какво било ограничување на вакцините е целосно неточно – рече Раб, пренесува Би-би-си.

Ова е втор пат од почетокот на годинава Велика Британија и ЕУ да расправаат околу производството и дистрибуцијата на вакцини против коронавирус, а причината за новиот конфликт е изјавата на претседателот на Советот на ЕУ кој рече дека е шокиран што ЕУ беше обвинета за национализам на вакцини, бидејќи таа воспоставила само механизам за контрола на извозот на вакцини произведени на нејзино тло.

– ЕУ никогаш не престана да извезува вакцини, а повеќето дози што овозможија масовна вакцинација во Израел се од Белгија, додека Велика Британија и САД директно забранија извоз на вакцини или компоненти од кои се направени – рече Мишел.

Би-би-си вели дека лидерите на ЕУ се под притисок поради бавното воведување вакцини против Ковид-19 на континентот, во споредба со Велика Британија, каде што 22,5 милиони луѓе, третина од возрасната популација, ја добија првата доза, па претходно овој месец Италија ја блокираше испораката на 250.000 дози вакцина на Оксфорд-АстраЗенека во Австралија.