Ентони Фаучи, водечкииот американски експерт за заразни болести, изјави дека делта-сојот на коронавирусот е виновен за повеќе од 80 проценти од новите случаи во САД.
– Одобрените вакцини се повеќе од 90 проценти ефикасни во спречување на хоспитализации и смртни случаи од коронавирус – рече Фаучи, еден од членовите на тимот на Белата куќа за одговор на пандемијата ковид-19, за време на дебатата во американскиот Сенат.
Според американските медиуми, сослушувањето го одбележа дискусијата на републиканскиот сенатор Ренд Пол, кој го обвини Фаучи за кажување невистини дека Националниот институт за здравство обезбедува финансиски средства за истражување во кинескиот институт за вирусологија во Вухан – првичниот епицентар на глобалната пандемија од ковид-19.
Сенаторот од американската држава Кентаки, кој имаше неколку дискусии со Фаучи за време на истрагата поврзана со пандемијата, тврди дека истражувањето можело да има улога во развојот на коронавирусот во лабораторијата во Вухан.
– Ако биде фатен дека лаже во Конгресот – според американскиот кривичен закон, му се заканува казна затвор од пет години – рече Пол.
Фаучи, кој беше претежно смирен во претходните дискусии, овојпат возврати поостро.
– Сенаторе Пол, никогаш не сум лажел во Конгресот. Не знаете што зборувате – одговори Фаучи.
Потеклото на коронавирусот стана предмет на жесток партиски конфликт во САД. Републиканците охрабруваат истражување за тоа дали е развиено во лабораторија во кинескиот град Вухан.
Американскиот претседател Џозеф Бајден побара од неговите соработници да го испитаат потеклото на коронавирусот и да го известат за добиените резултати во рок од три месеци. Преовладува теоријата меѓу здравствените експерти дека вирусот потекнува од животни, односно лилјаци и дека преку нив стигнал до луѓето.
Делта-сојот на коронавирус е откриен во Индија на почетокот на 2021 година. Оттогаш, тој стана доминантна верзија во САД и другите земји. Досега е откриен во повеќе од 90 земји.
Според универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, повеќе од 34 милиони луѓе се разболеле во САД, а повеќе од 609 илјади починал
Според Центрите за контрола и превенција на болести, повеќе од 161 милиони луѓе се целосно вакцинирани – или 48 проценти од населението.