Ризикот од зараза со коронавирус во авион со безбедносни мерки е многу мал, многу помал отколку во продавниците или рестораните, објави Харвард.
Извештајот покажува дека ризиците „можат да се намалат на многу ниско ниво преку комбинација на мерки за контрола на инфекцијата“.
Истражувањето е финансирано од групацијата „Ерлајнс фор Америка“, која ги обединува авиокомпаниите и производителите на авионска опрема, во време кога американските компании бележат месечни загуби од милијарди долари поради пад на сообраќајот за 65 проценти поради коронавирусот.
Истражувањето открило дека откако авиокомпаниите воведоа задолжително носење маски, го интензивираа чистењето и го сменија процесот на качување и излегување од авионите има многу малку докази за зараза на летовите.
За авионите се вели дека имаат системи за вентилација кои го менуваат воздухот во просек на секои две до три минути, отстранувајќи 99 отсто од честичките со големина на коронавирус.
Научниците исто така истакнуваат дека маските значително го намалуваат ризикот од пренесување на болести. Американскиот центар за контрола и превенција на болести препорача патниците и членовите на екипажот да носат маски и во авионите и на аеродромите за да спречат ширење на Ковид-19.
Резултатите од студијата се совпаѓаат со наодите на студијата на Министерството за одбрана на САД објавена претходно овој месец, која исто така покажа дека ризикот од инфекција при летање е многу мал.