Властите во индискиот град Њу Делхи наредија луксузен хотел да се претвори во болница од ковид-19, а ќе го користат исклучиво судиите на високиот суд и нивните семејства. Ова предизвика гнев во јавноста откако во градот владее хаос поради пандемијата со коронавирусот, а нема болнички кревети и кислород за стотици луѓе, објави Ројтерс.
Локалните власти објавија дека, поради брзото зголемување на бројките со новозаразени од ковид-19, добиле барање од повисокиот суд во Делхи да резервираат 100 соби за судии во хотелот „Ашока“.
Портпаролот на опозициската Конгресна партија, Ксивир Шергил, рече дека одлуката на владата претставува удар врз правото на еднаквост загарантиран со уставот и дека самиот суд мора да одбие посебен третман.
Судот не даде коментар за ова прашање.
Главниот град на Индија е еден од најпогодените градови во вториот бран на пандемијата. Секоја трета личност тестирана во Делхи е позитивна на коронавирус.
Според Би-би-си, поради големиот број смртни случаи од ковид-19, во градот нема места за кремирање, па затоа во градските паркови се отвораат импровизирани крематориуми.
Индија за само неколку дена забележа повеќе од милион нови случаи на коронавирус.
Официјалниот број на регистрирани случаи од ковид-19 во Индија е околу 17 милиони, со 192.000 починати.
Сепак, се верува дека вистинските бројки на заразени и починати се далеку поголеми, пишува Би-би-си.