САД и Катар ги повикаа сите страни да не ги поткопуваат преговорите за постигнување прекин на огнот во Појасот Газа. Нивниот апел е пред денешната средба во Доха, на која нема да учествуваат претставници на Хамас.
– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и катарскиот премиер шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани во телефонскиот разговор истакнаа дека ниту еден играч во регионот не треба да преземе чекори за да ги поткопа напорите за постигнување договор – изјави синоќа портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.
Блинкен, кој ја откажа посета на Блиски Исток, разговараше и со министрите за надворешни работи на Египет, Саудиска Арабија, Јордан, Турција и Израел со цел да се избегне ескалација на тензиите во регионот.
Хамас вчера соопшти дека нема да учествува во новиот круг мировни преговори што денеска треба да се одржат во Доха.
– Одењето на нови преговори му овозможува на окупаторот да наметне нови услови и да ги искористи нивните лавиринти за да изврши повеќе масакри – изјави претставникот на Хамас, Сами Абу Зухри.
Тој додаде дека Хамас е посветен на предлогот што му беше претставен на 2 јули, врз основа на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и говорот на американскиот претседател Џо Бајден.
Зухри наведе дека Хамас е подготвено да почне да разговара за механизмот за имплементација за постигнување сеопфатно примирје, целосно повлекување на израелските сили, прекин на опсадата, отворање на граничните премини и обнова на Појасот Газа, како и постигнување на сериозен договор за заложниците и затворениците. Хамас не сака никаква улога на САД и на Израел во Појасот Газа по војната.
Неприсуството на претставници на Хамас во Доха не ја исклучува можноста за напредок бидејќи главниот преговарач Халил ал Хаја живее во Доха, а исламистичката група не ги прекина контактите со Египет и Катар.
Израелската Влада најави дека ќе испрати своја делегација на преговорите во Катар.
Претходно, тројца неименувани високи ирански претставници изјавија дека само прекин на огнот во Појасот Газа ќе го одврати Иран од директна одмазда против Израел за убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија.