Иако се очекуваше министерот за економија Крешник Бектеши да ја образложи одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица на вчерашна владина седница, од Владата стигна информација дека само формално го задолжуваат на првата наредна седница да образложува за случајот.
-Владата на денешната седница го задолжи министерот за економија, на првата наредна седница на Владата, да ја информира Владата за сите управни и судски постапки (одлуки, заклучоци и информации) поврзани со експлоатацијата на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица, Општина Босилово, почнувајќи од првата одлука до денес – соопшти Владата.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дополни дека откако прво Владата ќе ги добие информациите, тие ќе бидат споделени со јавноста интегрално.
По лавината реакции околу спојувањето на концесиите, премиерот Димитар Ковачевски пред три дена најави дека на првата наредна владина седница, Бектеши со стручните служби од Министерството ќе треба да реферира за овој случај.
Дел од медиумите јавија дека Бектеши во моментов е на службен пат во Америка – факт што Владата го заборавила.