Фото: Принтскрин

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се предаде синоќа во затвор во округот Фултон, Џорџија, како дел од судењето против него за обид за кражба на резултатот од изборите во оваа сојузна држава по претседателските избори во 2020 година.

Судијата и окружниот обвинител се согласија судењето да почне на 23 октомври во забрзан процес. Трамп пристигна со голема колона обезбедување од тајната служба, пријавувањето траеше 30 минути, бидејќи тој и обвинителите претходно неделава се договорија за кауција од 200,000 долари. Договорот вклучува забрана на Трамп да ги заплашува останатите обвинети од случајот вклучувајќи и на социјалните мрежи.

Во затворот му беше земена биометрија – отпечатоци од прстите и скенирање на очите и му направија полициска фотографија. Но и му доделија затворски број  #P01135809. Округот Фултон ги објавува полициските фотографии, а судот во Атланта дозволува телевизиски пренос на судењата.

Се дознава дека тимот на Трамп планира да ја користи фотографијата во кампањски цели и реклама, а во рамки на трката за претседателски кандидат од републиканците во која Трамп е лидер.

Пред да се качи на авионот за да отпатува назад во Њу Џерси експретседателот на САД даде изјава за новинарите.

-Не направивме ништо погрешно. Ова е мошне тажен ден за Америка – изјави тој.

– Треба да можеш да ги предизвикаш изборите. Мислeв дека изборите беа наместени, украдени. И имав право на тоа – додаде тој.

Трамп и уште 18 останати соработници, вклучувајќи го Марк Медоус негов поранешен шеф на кабинет, и личниот адвокат Руди Џулијани се обвинети за серија постапки за организирање шема за лажирање на изборниот резултат во Џорџија од претседателските избори во 2020 година, на кои победи Џо Бајден.

Дел од точките наведуваат „принуда на официјално лице да изврши дела што се косат со заклетвата за државна служба“, или „попречување на изборно право за избирачите на Џорџија“.

После Трамп,, со најмногу кривични дела е обвинет Медоус, кој исто така вчера им се предаде на властите. Во обвинението тој е опишан како свесен соучесник во напорите да се попречат изборите во 2020 година, кој се среќавал со службеници од државите, договарал телефонски повици, пуштал меморандуми со стратегии како Трамп да остане на власт. Како негово најсериозно кривично дело  се смета телефонскиот повик на Трамп до државниот секретар на Џорџија во кој Трамп бараше „најди ги 11.870-те гласа“.

Трамп досега е апсен четири пати по вкупно 91 обвинение. Тој ја испишува историјата на САД бидејќи ниту еден поранешен или актуелен американски претседател досега не бил апсен, дали од федерални или од државни власти.

Се предаде Марк Медоус, поранешен шеф на кабинетот на Трамп

 Округот Фултон во Џорџија објави полициска фотографија од Марк Медоус, поранешен шеф на кабинетот на поренашниот претседател Доналд Трамп.

Медоус пошол во затвор во Атланта да се предаде на властите, како дел од судскиот процес за неговата улога на поништување на резултатите од изборите во 2020 година во Џорџија. Тој се согласил да се брани од слобода под кауција од 100,000 долари.

Медоус наводно го договорил телефонскиот разговор меѓу официјално лица на Џорџија и Трамп, во кој Трамп вршел притисок за пребројување на гласовите, а по легалното завршено пребројување.

Денеска се очекува да се предаде и самиот експретседател, кој е носител на листата од 19 обвинети за прекршување на законот на Џорџија РИКО (закон против рекет) во шема за поништување на резултатите од изборите во таа држава.

Десетмина лица од листата на обвинети веќе се предадија на власта и се пуштени да се бранат од слобода под разни висини на кауции, вклучувајќи го и поранешниот личен адвокат на Трамп Руди Џулијани. Најдоцна до утре напладне треба да се предадат уште осуммина обвинети.