Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во скопското основно училиште „Јохан Хајнрих – Песталоци” денеска е отворена книга на жалост за прерано згаснатиот живот на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

На службениот влез на училиштето, блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит, доаѓаат да се потпишат во книгата на жалост и го изразуваат своето сочувство за прерано згаснатиот живот на младата Вања.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Раководството на училиштето, во соработка со психолози, денеска обезбеди поддршка за учениците и комуникација со нив, на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан.

Освен родителите на децата од училиштето, сочувство изразија и други граѓани, како и претставници од Општина Центар заедно со градоначалникот Горан Герасимовски.

Од Вања Ѓорчевска се простија и нејзините наставници од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, се наведува на фејсбук-профилот на училиштето.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Наставниците не умеат да ја решат оваа задача, Вања. Прости ни, не можеме, не знаеме како да се поздравиме. Нека ти биде светол патот кон вечноста! Твојата насмевка и искрена душа засекогаш ќе останат во нашите срца. Со неизмерна болка и љубов, твоите наставници и соученици, најмила Вања! – се вели во објавата од училиштето на Фејсбук.

И градоначалникот на Општина Центар изрази сочувство и се потпиша во Книгата на жалост.

– Нема толку силни зборови кои можат да ја искажат болката и гневот за прерано згаснатиот живот на Вања. Чувствувам преголема болка. Еден родител не може да доживее ништо пострашно од ова што денеска се случи со Вања. Изразувам длабоко сочувство до семејството и барам максимална казна за сторителите – напиша Герасимовски синоќа на Фејсбук.