Владата вчера на седница расправаше за ребалансот на Буџетот, но повеќе детали се очекува да бидат објавени во текот на денешниот ден.
Премиерот Христијан Мицкоски во централниот дневник на телевизија „Сител“ изјави дека Буџетот е во алармантна состојба и дека недостигаат пари за што истражните органи ќе имаат многу работа во следниот период. Пари за ветеното зголемување на пензиите, како што рече, ќе има.
– Направиле Буџет за шест месеци како да знаеле дека нема да бидат повеќе Влада па се труделе што повеќе проблеми да и остават на новата Влада така што милијарди и милијарди денари останале непокриени. Има законски обврски кои морале да ги направат, не ги предвиделе во Буџетот и.т.н. но мислам дека периодот што следи истражните органи ќе имаат многу работа – рече Мицкоски.
Посочи дека за „Национални шуми“ каде вработените немаат земено плата четири месеци, потребни се од 250 до 300 милиони денари, за „Водовод“ од 60 до 100 милиони денари, а недостигаат и три милијарди и 700 илјади денари за земјоделците. Милијарда и 200 илјади денари, според Мицкоски, треба да се платат и по основ на казни поради тоа што некои од министрите ги прераспределувале вработените во институциите надвор од законот.
На ова реагираа од СДСМ од каде посочија дека пари во Буџетот има.
– ВМРО-ДПМНЕ од прв ден бара алиби за својата неспособност. Му порачуваме да престане да се правда дека немало пари во буџетот. Тоа е алиби за лошите политики кои ги планира како што се прекинување на политиките за раст на платите и задолжувањето од 500 милиони евра од Будимпешта. Владата на СДСМ обезбедуваше во континуитет плати за сите вработени во јавната администрација и претпријатијата во сите седум години и во услови на светски кризи. Граѓаните знаат дека СДСМ цели седум години работеше во апокалиптични економски светски кризи или во економско цунами, ако сакаме да се изразиме со речникот на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ ниеднаш не се пожали за тоа а пари се обезбедуваа за сите потреби. Мицкоски нема намера да работи совесно и одговорно, туку преку обвинувања кон СДСМ да прави буџет со кој ќе ги тера неговите погрешни политики – посочија од СДСМ во реакцијата.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во изминатиот период за медиумите информираше дека ќе има пари за плати и пензии и за се она што е преземено како обврска согласно закон, а дека ќе се крати од непродуктивните трошоци.
По усвојувањето на ребалансот од страна на Владата, тој треба да се препрати во Собранието каде се очекува да биде изгласан најдоцна до првата половина на август.