Британскиот крал Чарлс денеска ќе биде крунисан во Вестминстерската опатија, на симболична церемонија која е комбинација на верска служба и славење.
Англиските монарски се крунисануваат во престолнината Лондон околу еден милениум. За ова време и со промената на кралевите и кралиците создадени се многу ритуали и протоколи кои денес ќе бидат дел и од крунисувањето на Чарлс Трети и неговата сопруга Камила. Некои од нив се стари речиси колку и самата церемонија на крунисување, додека други се модерни.
Тој ќе биде 40-тиот владејачки монарх крунисан од 1066 година.
Чарлс ќе остане запаметен како наследник со најдолг стаж во британската историја, откако помина седум децении како прв во редот за тронот.
– Тој цел живот се подготвува за оваа улога – изјави кралскиот коментатор Кристофер Ворвич.
Чарлс е роден на 14 ноември 1948 година и стана прв во редот три години подоцна кога умре кралот Џорџ Шести, а престолот го презеде неговата мајка Елизабета Втора.
Тој ја прекина кралската традиција кога реши да влезе на универзитет веднаш по училиште, наместо да се приклучи на војската, избра да студира археологија и антропологија на Кембриџ, пред да се префрли на историја.
Кога наполнил 21 година, ја добил титулата Принц од Велс, а по универзитетот решил да служи во морнарицата, каде што се квалификувал да управува со хеликоптер и станал првиот член на кралското семејство што завршил курс за скокање со падобран.
Во 1977 година ја запознал 16-годишната Дијана Спенсер, со која започнал врска три години подоцна. Тие официјално се разведоа во 1996 година, а таа почина една година подоцна во сообраќајна несреќа, заедно со нејзиниот тогашен партнер. Осум години подоцна се сврши со Камила.
Кралското семејство и британската влада се договораат за соодветниот датум за крунисувањето. Но, ниту Бакингемската палата, ниту Даунинг стрит број 10, каде што е резиденцијата на британскиот премиер, официјално не дадоа објаснување зошто овојпат е одлучено свечениот чин да се направи на денеска, на 6 мај.
Британските медиуми пишуваат дека сепак има некои лични врски помеѓу кралот и датумот на крунисувањето. Имено, на 6 мај е роденден на неговиот внук Арчи Харисон Маунтбатен-Виндзор, најстариот син на принцот Хари и Меган Маркл, кој е роден во 2019 година. Тоа е и годишнина од смртта на неговиот прапрадедо, кралот Едвард Седми, кој починал во 1910 година.
Со оглед на фактот дека досега во Вестминстеската опатија се крунисани 38 монарси, веројатно е природно Чарлс Трети да ја продолжи традицијата што започнала во 1066 година, кога Вилијам Освојувачот ја освоил Англија. Освен тоа Вестминстерската опатија е исто така место на многу други важни црковни служби на кои присуствува англиското кралско семејство.
Чарлс Трети очигледно не сакал религиозен датум за своето крунисување исто како и мајка му која се одлучила за летно крунисување. Елизабета Втора беше крунисана на 2 јуни 1953 година во Вестминстерската опатија.
Кралското семејство поседува неколку круни. Кралот Чарлс Трети за крунисувањето ја избра „Круната на Едвард“. Таа е најстарата од британските кралски круни, направена во 1661 година, а првпат ја носел кралот Чарлс Втори. Оваа круна ја заменила средновековната круна, која била стопена во 1649 година. Од 1649 до 1661 година Англија накратко станала република, предводена од диктаторот и воен лидер Оливер Кромвел. Бунтовниците продале многу од кралскиот накит и го стопиле златото.
По обновувањето на монархијата (т.н. „Реставрација“), морало да се направи нова круна која во многу нешта наликувала на претходната. Според фондацијата Труст на кралската збирка (Royal Collection Trust), круната тежи околу два килограми, украсена е со рубини, аметисти и сафири и е направена од чисто злато. Нејзината вредност се проценува на околу 36 милиони евра. „Круната на Едвард“ пред Чарлс ја носеше неговата мајка, Елизабета Втора.
Церемонијата на крунисувањето ќе започне во 10.20 часот по локално време (11.20 часот по средноевропско време), а свеченоста треба да заврши околу 15.00 часот по локално време.
Утре, ден по крунисувањето, во замокот Виндзор ќе се одржи концерт. Се очекуваат големи ѕвезди како Лајонел Ричи, Кејти Пери и оперскиот пејач Андреа Бочели, кој ќе пее дует со велшкиот колега Сер Брин Терфел.
Британската поп група Тејк дет доаѓа со три свои члена – без Роби Вилијамс и Џејсон Оринџ – а доаѓа и пејачката и текстописец Фреја Ридингс и велшкиот соул композитор и продуцент Алексис Френч.
Покрај големите суперѕвезди, на сцената ќе има и таканаречен „Хор за крунисувањето“, кој е составен од локални хорови од целата земја што ќе настапат заедно. Овој „Хор за крунисувањето“ ќе пее и заедно со Виртуелниот хор, составен од пејачи од целиот Комонвелт.
По конфликтот со Бакингемската палата, најмладиот син на кралот Чарлс, принцот Хари, треба да смета на прилично студен пречек. Во секој случај, „загубениот син“ кој официјално го напушти кралското семејство потврди дека доаѓа.
Објавено е дека за време на церемонијата на крунисување тој нема да седи во првиот ред заедно со остатокот од кралското семејство, туку ќе мора да седи поназад.
Се верува дека Хари ќе се врати во Калифорнија кај своето семејство што е можно поскоро по церемонијата на крунисување за да го прослави четвртиот роденден на синот Арчи со Меган и децата.
Што ќе работи кралот?
Кралот во Велика Британија е шеф на државата. Сепак, неговите овластувања се симболични и церемонијални, а тој останува политички неутрален.
Секојдневно добива дневни депешеа во црвена кожна кутија, како што се брифинзи пред важни состаноци или документи што мора да ги потпише.
Премиерот обично се среќава со кралот во среда во Бакингемската палата за да го информира за владините активности. Тие средби се целосно приватни и нема официјална евиденција за тоа што е кажано.
Кралот има и голем број парламентарни функции:
– Формирање влада – лидерот на партијата што победува на општите избори обично е поканет во Бакингемската палата, каде кралот формално одобрува формирање влада. Кралот и формално ја распушта владата пред општите избори
– Државно отворање и Говор на кралот – Кралот ја започнува парламентарната година со церемонијата на државното отворање. Тој ги истакнува плановите на владата во говорот од тронот во Домот на лордовите
– Кралска согласност – кога предлог-законот е одобрен од парламентот, тој мора да биде формално одобрен од кралот за да стане закон. Последен пат кралска согласност беше одбиена во 1708 година.
Тој обично го предводи годишниот настан за Потсетување, што се одржува во ноември во Кенотаф, Лондон. Покрај тоа, кралот е домаќин на достоинственици во посета – како што е јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса – и се состанува со странски амбасадори и високи комесари стационирани во Обединетото кралство.
За својата прва државна посета, Чарлс ја посети Германија, каде што стана првиот британски монарх кој се обратил пред германскиот парламент.
Кралот е и шеф на Комонвелтот, асоцијација од 56 независни држави и 2,4 милијарди луѓе. За 14 од овие држави, познати како кралства на Комонвелтот, тој е и шеф на државата.
Камила, сопруга-кралица, му помага на кралот во неговата работа и исто така ги извршува своите јавни должности во име на 90-те добротворни организации што ги поддржува.
Многу од нив се занимаваат со здравје и благосостојба и работат со луѓе кои биле силувани или сексуално нападнати.
Како функционира наследувањето?
Линијата на наследување го одредува членот на кралското семејство кој ќе ја преземе функцијата монарх кога актуелниот ќе умре или абдицира.
Првиот во редот за престолот – престолонаследникот – е најстарото дете на монархот.
Како првородено дете на кралицата Елизабета, Чарлс станал крал веднаш по смртта на неговата мајка, а неговата сопруга Камила станува сопруга-кралица.
Правилата за кралско наследство беа променети во 2013 година за да се осигура дека синовите повеќе нема да имаат предност во однос на постарите сестри.
Наследникот на кралот Чарлс е неговиот најстар син, принцот од Велс.
Најстарото дете на принцот Вилијам, принцот Џорџ, е втор по ред за тронот, а неговата најстара ќерка, принцезата Шарлот е трета. Принцот Луис е четврти, а принцот Хари е петти.