Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, упати остра реакција до албанската влада, која, како што се наведува, со своето неделување дозволува фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија непречено да ја шири својата пропаганда во регионите во Албанија каде што живеат Македонците.
Според партијата, последниот пример за ова е „донацијата, во која беше и модуларната амбуланта за селото Глобочени, Општина Пустец“.
– Ние не сме против донации кои го подобруваат животот на македонската заедница, но, гневни сме затоа што оваа фондација ги користи овие активности за да ги манипулира историските факти и да ги претстави Македонците како Бугари – изјави за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Албанската влада, додава тој, има обврска да инвестира во регионите каде што живеат Македонците во Албанија и да ги „заштити нашите права и идентитет од бугарската агресија”.
– Секое премолчување на оваа ситуација е дозвола за продолжување на бугарската пропаганда, која е неприфатлива и штетна за македонската заедница. Партијата Македонска алијанса за европска интеграција уште еднаш ги повикува институциите во Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет и културно наследство – бара МАЕИ.
Недозволиво е, се нагласува, македонската заедница да биде изложена на манипулации и притисоци од фондации со скриени политички мотиви.
– Сите донации што се наменети за подобрување на животот на Македонците се добредојдени, но никогаш нема да прифатиме тие да бидат користени за промовирање на лажни наративи. Време е албанската влада да го зајакне своето присуство и инвестиции во регионите населени со Македонци, како јасен сигнал дека Македонците во Албанија се дел од државата и дека нивните права и идентитет ќе бидат заштитени – нагласуваат од партијата.
Македонска алијанса за европска интеграција апелира до меѓународната заедница да внимава на овие опасни тенденции и да изврши притисок врз албанската влада за да го спречи „влијанието на бугарската пропаганда што има за цел да го наруши идентитетот на Македонците во Албанија“.
Реакцијата следува откако во неделата првите луѓе на споменатата фондација, во присуство на бугарскиот амбасадор во Тирана, Ивајло Киров, за општина Пустец донираа комплетно опремена модуларна амбуланта, клупи за седење за селата, копир и принтер апарати за општинската администрација.
Претходно остро реагираше и Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа” оценувајќи го овој чин „продолжување на бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците”.