Фото: Пиксабеј

Кина се закани со „решителни контрамерки“ доколку на 5 април во Лос Анџелес се одржи најавената средба меѓу тајванската претседателка Цаи Инг-вен и претседателот на американскиот Претставнички дом, Кевин Мекарти.

Цаи утре треба да пристигне во Њујорк, на пат за Гватемала и Белизе, а се очекува на 5 април, на враќање од турнејата, да пристигне во Лос Анџелес за кога е закажана средбата со Мекарти.

Од неодамна е зголемен дипломатскиот притисок врз Тајван, а Пекинг речиси секојдневно испраќа воени борбени авиони на островот.

Претходно овој месец, Хондурас воспостави дипломатски односи со Кина, па сега Тајван е признат како суверена држава од само 13 земји.

Портпаролката на кинеското Министерство за тајвански работи Жу Фенглијан на денешната прес-конференција го осуди престојот на Цаи во САД, на пропатување кон Централна Америка, и побара „ниту еден американски функционер да не се сретне со неа“.

-Ние цврсто се спротивставуваме и ќе преземеме решителни контрамерки, рече Жу.

САД, додаде таа, треба „да се воздржат од организирање транзитни посети на Цаи Инг-вен, па дури и од контакт, и да преземат конкретни активности за да ја исполнат својата формална обврска да не ја поддржуваат независноста на Тајван“.

Транзитните посети на САД на тајванската лидерка за време на пошироките меѓународни патувања беа рутински во текот на изминатите години, а на тие неофицијални посети Цаи се сретнуваше со членови на Конгресот и тајванската дијаспора.

Меѓу 2016 и 2019  година Цаи имаше шест посети на САД, пред да престане да посетува други земји поради пандемијата на коронавирусот и Кина секогаш вербално одговараше на посетите.