Ова е многу сериозен проблем, со негово решавање се занимава и ЕУ, ОЕЦД, САД… Сметам дека мора темелно и системски да се решава, зашто ќе биде тешко да се моривираат младите да се одлучуваат за наставна струка, вели проф. д-р Јакимовиќ
Сериозен недостиг од наставници во училиштата
Информатика на учениците во скопското основно училиште „Лазо Ангеловски“ предава студент од последните години на студиите. Училиштето го ангажирало по неколку неуспешни обиди да вработи професор, за учениците да не губат настава. „Лазо Ангеловски“ не е единственото училиште во кои наместо професори работат студенти. Недостигот од наставен кадар е сериозен проблем, кој кулминира годинава.
Во Министерство за образование и наука немаат точен податок колку студенти се ангажирани и велат дека се обидуваат системски да го решат проблемот со недостигот. Освен по информатика, најмногу професори се бараат по математика, физика, хемија, биологија…
Образованието импровизира – проблемот е со тенденција да ескалира
Магдалена Петреска, директорка на „Лазо Ангеловски“ вели дека проблемот со недостиг на стручен кадар во училиштата од ден на ден сè повеќе и повеќе станува евидентен со тенденција да ескалира.
– Доколку не се преземат соодветни и конкретни чекори за неколку години проблемот ќе биде многу голем и тешко решлив. Имено, во моментов се чувствува недостаток на стручен кадар по одредени наставни предмети со тенденција недостатокот на соодветен стручен наставен кадар да биде евидентен во однос на речиси сите наставни предмети. Периодов најмногу се чувствува недостиг на наставници по информатика, физика, хемија, биологија и математика. Многу често овие наставни предмети во училиштата ги предаваат несоодветни наставници, односно наставници на кои им недостасуваат часови да оформат полн фонд или пак на тие работни места се вработуваат лица кои имаат завршено високо образование кое се смета за блиско или сродно со работното место за кое се бара наставник. Ова го кажувам водејќи се од ситуацијата која владее во училиштата од моето непосредно опкружување – вели Петреска.
Студенти од завршна година на факултети, вели таа, се бараат за да се пополни недостигот од наставен кадар по информатика и математика, или пак еден наставник мора да предава и по неколку предмети.
– Образованието импровизира додека факултетите остануваат без студенти кои се заинтересирани за наставничката работа. На огласите за вработување не се јавува никој и се прават обиди да се најдат различни законски начини за децата да не губат настава, но тоа е невозможно затоа што ова е системски проблем кој со години се провлекува и едноставно и самите сме свесни дека има недостаток од овој кадар. На студиите нема доволен број студенти и по автоматизам како што поминува времето се подразбира дека ќе нема кадар – вели Петреска.
Нејзин впечаток е дека станува збор за јавната перцепција на професијата наставник, која во моментов во нашето општество е девалвирана и дека главно луѓето кои што можеби имаат афинтет или талент за овие науки тие попрво би се ориентирале кон некакви применети аспекти на овие науки отколку да бидат наставници.
– Низ годиниве професијата наставник изгуби од својата атрактивност, за што има многу причини. Една од причините е тоа што постигнувањето на успесите на наставниците и учениците не се вести од интерес за јавноста за да се профилира наставникот како значајна функција во општеството, но влијанието го гледа и во работните услови.
Додека дражавата чека да се подобрат состојбите, училиштата остануваат без наставен кадар, што влијае и на квалитетот на наставата и образованието – додава Петреска.
Мора да се преземат сериозни мерки
Слаѓана Јакимовиќ, редовен професор по математика на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје објаснува дека интересот за наставни студии во природно-математичкото подрачје не опаѓа само кај нас, туку и во развиениот свет.
-Младите луѓе кои имаат склоност кон природно-математичкото подрачје увидуваат дека може да напредуваат во повеќе области. Тие често одлучуваат нивната професионална определба да не биде во областа на наставата, туку перспективата ја бараат во други области што овозможуваат поширок спектар на кариерен развој, подобра заработувачка, поголема мобилност…. Така и запишуваат други студии, неретко поврзани со медицината или компјутерските науки за чиешто изучување од пресудно значење се квалитетни знаења по математика или по природни науки. Недостигот на наставен кадар во природно-математичкото подрачје е многу сериозен проблем, со негово решавање се занимава и Европската унија, ОЕЦД, САД… Ние како држава не располагаме со многу финансиски средства за да ги мотивираме луѓето да работат во настава. Сметам дека мора сериозно, темелно и системски да се решава овој проблем. Еве гледате, се даваат стипендии, но младите луѓе размислуваат за перспективите кои ги нудат професиите по завршувањето на студиите. Тие се свесни дека професијата наставник е комплексна, а можностите за напредување (кариерно, финансиски…) се ограничени. Младите луѓе на денешницата се информирани и прагматични. Државата мора да преземе сериозни и сеопфатни мерки, стипендиите се добар чекор во таа насока, но треба да се предвидат и други – вели проф. д-р Јакимовиќ.
Долги години фали кадар за математика, физика, хемија…
Во МОН не располагаат со податоци колку студенти предаваат во училиштата.
– МОН не располага со вакви податоци. Како министерство обезбедуваме согласности за ангажирање на кадар во училишта и по предмети по кои недостасуваат наставници, но постапките за нивно ангажирање ги спроведуваат самите училишта, преку објава на јавни огласи со наведени услови и критериуми за пријавување – велат од МОН.
Оттаму веќе истакнаа дека долги години наназад земјата се соочува со недостиг на наставен кадар по математика, хемија, физика…
– Нема доволен интерес кај младите да ги избираат високо-образовните установи кои нудат студиски програми во овие области и поради тоа не се продуцираат доволно кадри кои би требало да ги преземаат позициите на веќе ангажираниот кадар во училиштата кој секако, кога – тогаш заминува во пензија и мора некој да го наследи. Се трудиме да ги стимулираме младите да ги избираат овие области и да се занимаваат професионално во рамки на истите. За тоа е потребно подигнување на личната мотивација, интерес и желба. Тоа се постигнува преку модернизација на наставата по овие, но и по сите останати предмети, во основното и средното образование. И затоа работиме и ќе продолжиме да работиме на подобрување на содржините во наставните програми и во учебниците, обучување на наставниците заради поголема креативност при предавањето на материјата која ќе ги заинтригира младите, доделување парични награди за освоени високи места (од прво до трето место) на меѓународни натпревари по математика и природни науки (хемија, физика и биологија), парични награди за освоени медали на меѓународни научни олимпијади меѓу кои и за математика, физика, хемија. Неодамна е отворена и специјализирана Математичка гимназија каде се запишуваат исклучително талентирани ученици од овие области – објаснија од МОН.
Дополнително, информираат и дека МОН доделува стипендии за студенти кои се запишани или ќе се запишат на студиските програми по математика, физика и хемија и ќе остварат просечен успех од минимум 7,00 во текот на претходното образование на соодветната високо образовна установа.
– Тоа се највисоките стипендии кои ги доделува МОН за студирање на домашните високо образовни установи и изнесуваат 300 евра на месечно ниво. Така што, се надеваме дека постепено состојбите ќе се вратат во рамки на нормалата и ќе обезбедиме еден оптимален број на наставници по овие предмети заради задоволување на потребите во сите општини и училишта – заклучуваат оттаму.