Русија жали за загинатите во терористичкиот напад што се случи во петокот во „Крокус Сити Хол“ во близина на Москва. Според последните податоци на Рускиот истражен комитет, во нападот загинале 152 лица, а повеќе од 150 се повредени.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека нападот во „Крокус Сити Хол“ е крвав, варварски терористички чин и вети дека сторителите, организаторите и извршителите на злосторството ќе бидат казнети.
Вооружени напаѓачи во петокот вечерта влегле во концертната сала „Крокус Сити Хол“ во Красногорск кај Москва и почнале да пукаат кон посетителите, а потоа фрлиле запаливи средства, со кои предизвикале пожар.
Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија вчера соопшти дека во врска со нападот се приведени 11 лица, меѓу кои и четири лица кои биле директно инволвирани во терористичкиот напад.
ФСБ соопшти дека оружјето што го користеле напаѓачите во „Крокус“ било однапред подготвено во скривалиште и дека напаѓачите се обиделе да избегаат со автомобил, движејќи се кон руско-украинската граница, каде по неколку часа беа приведени во областа Брјанск.
Според ФСБ, напаѓачите имале намера да ја преминат границата и имале контакти на украинска страна.
Министерството за внатрешни работи на Русија објави дека сите уапсени терористи се странски државјани. Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава, но официјална Москва не ја коментираше информацијата.